Нови 200 украсни грмушки во Градски парк


Двеста украсни грмушки, перени и листопадни садници наскоро ќе го разубават постојниот дрворед на влезот во Градски парк. Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ всушност почнаа да ја реализираат Програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје. Таа, меѓудругото, предвидува во Градски парк на новите површини да постави и нова хидрантска мрежа од 700 метри, да се заменат оштетените прскалки и да се постават нови во делот каде што никогаш немало поставено прскалки за наводнување на зеленилото.

Во моментов се работи на две локации во Градски парк. Првата локација спроти хотел „Канет“ и езерцето кај стадионот која е со површина од 4.400 квадрантни метри. Втората површина предвидена за разубавување е со површина од 1.900 квадратни метри и е спроти паркингот пред фонтаната Лотосов цвет и влезот во Градски парк.

Градските власти информираат дека за овие активности ќе се потрошат нешто повеќе од 70.000 евра.