Нови моменти околу скандалот: Генијот што го сруши конкурсот за поезија
Aлександар Блажевски од село Јанковец, Ресенско, е вистинскиот автор на спорните песни кои излегоа во збирката поезија „Млади поети“ објавени од Агенцијата за млади и спорт.Во збирката има 44 песни, од кои во две има дискриминаторска содржина и говор на омраза. Двете песни се со наслови „Партиски вработена“ и „Моите соседи“.
Првата започнува со „Велат дека пушела коор кај координаторот. Во канцеларија со знак за забрането пушење! Велат дека му го диркала на директорот. Не е грда како Мирка, а знае добро да дирка!“
Во втората песна, пак, ги има запишано стиховите: „Халил е шминкер. Цфетко е шармер. Члирим е шинтер. Џафер е шумар. Шп’тим е шапкар. Опкружен со толку многу скиптари се чувствувам како цар!“
Блажевски за „Независен весник“ потврди дека тој е авторот на овие стихови и дека многу сакал некаде да бидат објавени негови песни. Затоа и аплицирал на конкурсот. Според него, тој исполнувал еден од условите, дека треба да аплицираат поети што немаат издадено ништо, но спорна била возрасната граница до 29 години. Затоа на конкурсот се пријавил под името на својот сограѓанин Даниел Пиљаковски.
– Пишувам песни, пишувам поезија. Му кажав на Даниел дека ќе аплицирам од негово име бидејќи јас имам над 40 години. Сакав моите песни да излезат на виделина и да бидат прочитани. Ако има некаква правна основа да се реагира, јас стојам целосно зад секој напишан збор и ја преземам целата одговорност – ни рече Блажевски во телефонскиот разговор за „Независен весник“.
Тој вели дека по вокација е професор по математика, па во минатото го подготвувал Даниел со приватни часови за решавање задачи. Затоа, тој смета дека нема ништо спорно што ги објавил песните под име на свој поранешен ученик. Вели дека таква пракса има и кај големи научници, да објават нешто во името на своите ученици или да објавуваат под псевдоним.Блажевски вели дека тој е локален гениј кој е дискриминиран повеќепати во животот.
– Од партиски работи не можеме да дојдеме до нормално вработување. Еве, со години работам со договор на дело, а да немаше дискриминација, јас ќе бев некаде професор, можеби и универзитетски или, пак, ќе бев унапреден како директор. Мојата поезија е провокативна и нема ништо спорно во неа. Никаде не спомнувам полов орган, националност или некого со име и презиме. Тој што се препознал, си ја има мувата на капата – вели Блажевски.Тој рече дека му се извинил лично на Даниел за непријатноста што му ја нанел, но не е сигурен што би променил ако му се извини и јавно преку медиумите.
Пиљаковски, пак, вели дека цел ден бил под стрес откако си го видел своето име и презиме по медиумите потпишан како автор на дискриминаторска содржина.
– Ниту пишувам поезија, ниту знам два збора да сврзам. Човекот што аплицирал во мое име го сторил тоа бидејќи во конкурсот имало ограничување на возраста. Пред неколку месеци само ме извести дека ќе објавува песни, но не знаев ни какви песни ниту за што станува збор. Не знаев ниту дека станува збор за конкурс од државна институција, ниту дека ќе се издава книга. Кога го видов моето име по медиумите, навистина се збунив, особено кога ги прочитав песните кои се полни со говор на омраза – вели Даниел Пиљаковски за „Независен весник“.
Тој вели дека на социјалните мрежи добивал и пораки со заканувачки содржини бидејќи луѓето мислат дека тој ги пишувал песните.
– Цел ден ми се тресат рацете, ги читам пораките и не можам да сфатам што ми се случи. Ми го посрамотија семејството, се најдовме на тапет во јавноста, а ништо не сме направиле – вели вознемирено Даниел.
Директорот на Агенцијата за млади спорт Дарко Каевски рече дека примероците на збирката се повлечени и дека ќе ја надоместат штетата, а дополнително ќе се утврдува одговорноста за овој пропуст.
– Како директор чувствувам морална одговорност, но уште повеќе професионална одговорност да се расветли случајот и точно да се детектира вината. Како уредник сум потпишан на изданието бидејќи и во изминатите четири конкурси директорот бил тој што по функција е уредник на таа збирка – рече Каевски на прес-конференцијата.
Тој вели дека немал увид во содржината и дека не знаел какви песни ќе бидат објавени. Според него, за селектирањето на содржината била одговорна комисијата во состав: претседател Јовица Ивановски и членови Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски. Каевски вели дека комисијата, освен што ги избрала трите песни за награда, требало во извештајот да ги изнесе сите забелешки, но таму пишувало дека немаат забелешки.
Од друга страна, пак, Николина Андова-Шопова вели дека тие биле ангажирани само за да ги изберат наградените песни, а немале никакви задача да ги селектираат песните кои ќе бидат издадени во печатеното издание.
– Имавме задача да доделиме три награди за најдобрите три песни. Тоа беше единствената наша обврска како жири и ние не учествувавме во уредувањето на збирката и селектирањето на песните што ќе бидат застапени. Текстот што го напишав како предговор на збирката го пренесува генералниот впечаток на сите пристигнати песни. А, одлуката за неселективно објавување на содржините, песните, нема врска со жири-комисијата. Нашата обврска заврши со наградувањето три песни. Ги осудувам сите шовинистички, дискриминаторски содржини. Јас ги прочитав тие песни и веднаш беа отстранети и не знаевме дека ќе се објават. Ние сметавме дека печатената верзија ќе подлежи на некаква селекција – вели за „Независен весник“, Николина Андова-Шопова.
Досега од спорната збирка поезија се издадени 5.000 примероци, кои чинеле 150.000 денари.
Ивана Настеска