Нови вакцини, промена на вакциналниот календар и нови правила за заштита на децата


Со две нови вакцини за пнеумокок и рота вирус се осовременува календарот за имунизација, со што Македонија станува лидер во регионот на поле на имунизацијата. Тие вакцини од почетокот на наредната година ќе бидат задолжителни за сите бебиња во државата.

Ова денеска на средба со новинарите го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека ќе бидат воведени уште две други нови вакцини кои ќе бидат замена за постари кои ги има во календарот за имунизација.

Министерот најави дека ќе се формира Комитет за имунизација, кој ќе биде национално координативно тело, дел од кое ќе има задача да го следи целокупниот процес на имунизација, од внесот на вакцините, начинот на дистрибуција, складирањето, начинот на апликација.

Појасни дека се планира промена во тендерска постапка и да нема обврска за одредени количини вакцини, туку да има одредена рамка и да се повлечат вакцини колку што ќе требаат. На тој начин очекуваат заштеда. На средбата со новинари беше посочено дека во септември се планира и обука на здравствените работници за подобра примена на новите измени.