Новиот претседател на Бразил положи заклетва


Новиот претседател на Бразил, ултрадесничарот Жаир Болсонаро положи заклетва како 38. шеф на државата.

Во својот говор во Парламентот тој вети дека ќе се бори против корупцијата и насилните злосторства.

– Ги повикувам сите конгресмени да ми помогнат да го спасам Бразил од корупција, криминал и идеолошко потчинување.

Шеесет и три годишниот поранешен армиски капетан повика за таа цел да биде склучен „вистински пакт меѓу општеството, извршната, законодавната и судската власт“.

Тој ја повтори својата намера да го либерализира носењето на оружје, додавајќи дека неговата политика „ќе ги подготви децата за пазарот на труд, а не за политички активизам“.

Церемонијата во Парламентот беше бојкотирана од левицата.

Болсонаро дојде на власт по огромното незадоволство на народот поради политичката корупција, огромната стапка на криминал и намалената економска моќ на земјата.

Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави преку Твитер стапувањето на должност на Болсонаро и му честита за „прекрасниот говор“, уверувајќи го дека ќе ја има поддршката од САД.