Новинарот Цветковиќ тврдел дека бил киднапиран и контактирал со лица од Македонија


Белград -Весникот „Вечерње новости“, повикувајќи се на свои разузнавачки извори, пишува дека „исчезнатиот па пронајден“ новинар Стефан Цветковиќ во полиција тврдел дек бил киднапиран од непознати лица, кои му се заканувале дека ќе го префрлат во Романија.

Како што наведува весникот, на истражните органи им се сомнителни неговиот исказ и пронајдените докази, поради што новинарот се уште се наоѓа во полиција.

Во текстот понатаму се наведува дека според неименувани „оперативни сознанија“ Цветковиќ пред десетина дена бил во Приштина со познат бизнисмен од источна Србија, со кој пред мистериозното исчезнување најмногу комуницирал. Одредени разговори имал и со непознати лица од Македонија, како и со лице чиј телефонски број е лоциран во Приштина. Според „Новости“, преку лоцираните разговори, полицијата дошла до сознание дека тој е „жив и здрав и дека ништо не му се случило“.

Цветковиќ тврди дека поради сознанијата за убиството на Оливер Ивановиќ, бил киднапиран од лица инволвирани во ова убиство, пишува весникот и наведува дека полицијата и Безбедоносно-информативната агенција (БИА) се уште вршат реконструкција на случајот со проверка на сите негови контакти.

Вчера претседателот Александар Вучиќ изјави дека “им благодари на БИА и на полицијата кои деноноќно ги дешифрираа повиците со Приштина и успеаја се да поврзат. Претпоставувме дека ништо не е му се случило, а за тоа што тој го говори – за тоа подоцна ќе видиме”, додека министерот на полицијата Небојша Стефановиќ изјави дека се појавиле доста нелогичности за време на истрагата и дека во Србија се јавува нов проблем- а тоа е се поголемата појава на лажни вести.

Денеска и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ во врска со овој случај изјави дека „ширењето на лажни вести има за цел дестабилизација на Србија и притисок за да се прифати нешто што не е државен интерес на Србија, околу постигнувањето компромис со Приштина.“

Се огласија и Репортери без граници (РСФ) кои ги повикаа српските власти на темелна и независна истрага во врска со случајот на новинарот Стефан Цветковиќ.