Нова трка по двотретинско мнозинство за СЈО


Ниту втората рунда од преговорите меѓу власта и опозицијата за иднината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не дадоа резултат. И владата и ВМРО-ДПМНЕ останаа на своите позиции, поради што судбината на Катица Јанева и на нејзиниот тим е крајно неизвесна.
Премиерот Зоран Заев има можност по заобиколен пат, односно преку пронаоѓање на ново двотретинско мнозинство да му го продолжи животот на СЈО, но се чини дека сега нема ниту подлога, ниту расположение за такво нешто.
Вчерашната втора рунда траеше само четириесетина минути што доволно зборува како течел состанокот. Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, која беше претставник на СДСМ, рече дека ВМРО-ДПМНЕ го прекршила првиот договор, според кој, до средбата требало да има веќе поднесени амандмани за забелешките за законот.
„Место тоа, добивме еден материјал во кој наведоа меѓународни документи, кои наводно, не биле имплементирани во законот. Сите документи што ги доставија веќе се имплементирани во законите“, изјави Дескоска.
Антонио Милошоски, кој беше претставник на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека од СДСМ најпрво сакале да дознаат дали ги прифаќаат забелешките што ги доставиле на 120 страници, по што веднаш ќе ги преточеле во амандмани. Тој забележа дека секој обвинител од СЈО треба да има исти права и можности како и секој обвинител од ОЈО при конкурирање за работа во новиот оддел.
Артан Груби од ДУИ изрази надеж дека двете страни деновиве повторно ќе седнат на маса и ќе се обидат да стигнат до решение. За таа цел, можна е и помош од надвор.
Всушност, власта е против предлогот на опозицијата, според кој СЈО треба да биде дел од Основното јавно обвинителство, поточно од Обвинителството за организиран криминал, а не посебно обвинителство. На „Бихаќска“ се против и идејата на ВМРО-ДПМНЕ, сите случаи што сега се во судот, независно во која фаза, а се преземени по јуни 2017 година (датум после кој, според начелното мислење на Врховен суд, СЈО не смее да покренува обвиненија) – да се затворат. Потоа, доколку треба, целата постапка да почне одново, но доказите од „бомбите“ да не може да се користат.
Тоа, според Дескоска, значи, губење на голем број сериозни докази во постапките со што се создава опасност од неуспешно завршување на многу постапки, а со тоа и амнестирање. На крајот, од СДСМ не сакаат ниту да се сложат и со барањето од опозицијата, СЈО да нема свој буџет.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, нагласуваат дека станува збор за закон за Јавното обвинителство, поради што е логично СЈО да биде само одделение во рамките на ЈО. Оттаму обвинуваат дека законот во целина е лош, препишан од Хрватска, но нефункционален. Кога е во прашање СЈО, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека не можат да прифатат специјалниот обвинител сам да го одредува буџетот, а притоа да не одговараат никому за својата работа.
Власта брза да најде решение за специјалното обвинителство до 1 април, односно до почетокот на кампањата за претседателските избори, но пратениците ќе можат да работат и додека трае трката за шеф на државата, но проблем е што засега договор не е на повидок. Тоа сериозно ќе влијае врз оценката од Брисел за давање зелено светло за почетокот на преговорите со Европската унија.
Заев веќе најави дека нема да има уште еден закон за амнестија за спас на СЈО.
„Ниту некој планирал, ниту побарал. Законот за амнестија се случи во рамки на помирувањето, тоа е многу сериозен процес, кога на државата ѝ требаше двотретинско мнозинство, јавно го кажувам тоа и не бегам од тоа. Верувам дека парламентот нема потреба повеќе да посегнува по вакви работи затоа што овој случај беше јасно издиференциран, каде се одделија сите кои учествуваа во организација на насилство, од оние кои беа заведени. Не верувам дека некој од институциите, ниту Министерството за правда, ниту претседателот, ќе отвори ваков случај на амнестија“, рече Заев пред неколку дена.
Доколку, сепак, секој остане на своја страна, власта ќе биде принудена да бара 80 пратеници, бидејќи за изгласување на законот е потребно двотретинско мнозинство. Тоа значи дека повторно ќе мора да се бара поддршка и во таборот на опозицијата, како што беше случај со договорот со Грција. За промена на името гласаа 81 пратеник, но меѓу нив се четворица од „независните“, лидерот на ДПА и еден пратеник на ДУИ, кои имаа(т) работа со „специјалните“. Од друга страна, и меѓу вмровските пратеници, има такви што се во случаите на СЈО, па тоа остава простор за разговор.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е уверен дека Катица Јанева и нејзиниот тим немаат ниту човечки, ниту професионален кредибилитет, поради што време е да заминат. Заев, пак, одговори дека ниту тој, ниту Мицкоски не се тие што треба да одредуваат кој ќе биде обвинител, бидејќи тие се само политичари.

Горан Адамовски