Нова ограда за крокодилите во Зоолошка


Зоолошката градина денеска поставува нова заштитна ограда околу живеалиштето на крокодилите. Откако пред два дена мажјакот избегал и ноќта ја поминал во големото езерце во Зоолошката, просторот на отворено каде што во текот на летото живеат крокодилите ќе биде дополнително обезбеден.

Како што информира директорот на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, живеалиштето е направено според стандардите на ЕАЗА, но заштитната ограда била оштетена од посетители. Тој вели дека и да не се случела прошетката на крокодилот, Зоолошката секако планирала обнова на оградата, но напролет, со оглед на тоа дека наскоро двата крокодили ќе се преселат во зимското живеалиште. Во градината живеат два крокодили, мажјакот Ганко и женката Тина.