Нова демократија најави бојкот на грчката државна телевизија ЕРТ


Поради коментар на новинар на грчката државна телевизија ЕРТ, кој лидерот опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис го нарече „теоретичар на фашизмот“, партија најави бојкот на телевизијата и нејзини членови и пратеници нема да учествуваат во информативните емисии.

Од Националниот совет за радио и телевизија на Грција, пак, одлучија да започнат мониторинг на сите информативни и дебатни емисии на приватните радија и телевизии, како и на оние од јавниот сервис до крајот на месецов.

Како што јави МИА од Атина, во понеделникот во информативна емисија на ЕРТ, еден од новинарите коментирајќи ги ставовите на Мицотакис за време на Меѓународниот саем во Солун истакна дека му звучел како „теоретичар на фашизмот од времето на Мусолини“.

– За време на говорот во саботата, тоа беа моменти кога мислев дека го слушав теоретичарот на фашизмот Серџо Панучо, кој воведуваше елементи на национализам во Италија за времето на Мусолини, рече меѓу другото новинарот Сотирис Капсохас, коментирајќи го говорот на Мицотакис.

На ова реагираа од опозициската Нова демократија со соопштение , во кое велат дека „поради коментарот на новинарот кој го спореди лидерот на опизицијата со диктаторот Мусолини“, почнуваат бојкот на државната телевизија.

На крајот на јули годинава, на два дена по катастрофалните пожари кои беа главна тема во грчките медиуми, владејачката СИРИЗА најави бојкот на приватната телевизија Скај, обвинувајќи ја за ширење пропаганда и оттогаш членови и пратеници на СИРИЗА не гостуваат во нејзините емисии.