Новата УБК ќе ги исчисти параструктурите
Реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање треба да доведе до прочистување на т.н. парабезбедносно-разузнавачки структури, кои и две години по промената на власта тешко се контролираат, велат експертите. Сите поголеми политички кризи во земјава, според нив, започнувале со протекување на информации и затоа ова е многу важно при зачленувањето во НАТО.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која треба да ја наследи досегашната УБК, треба да започне со работа на 1 јуни годинава. Таа ќе функционира надвор од МВР каде што, исто така, се најави соодветно прочистување со примена на т.н. ветинг, по примерот на Албанија каде што уште пред завршување на рокот за предавање на информацијата за имотната состојба речиси 500 полицајци самите ја напуштија службата.
Според новите законски решенија, разузнавачите и контраразузнавачите повеќе нема да се класични полицајци, туку агентите ќе ги собираат информациите, ќе ги анализираат и потоа ќе ги проследуваат до другите државни органи, а полициската работа, односно кривичното гонење ќе го прави Бирото за јавна безбедност (БЈБ). Професорот Никола Дујовски верува дека токму одделувањето од МВР е клучно и дека тоа ќе ѝ го даде потребниот интегритет на новата агенција.
„Нема идеален закон, секогаш може да најдете забелешки во однос на одредени одредби, но концептот е во ред и е во рамките на стандардите на НАТО. Ветингот што се планира да се спроведе во МВР, со цел да има декриминализирана и департизирана полиција која ќе го штити интересот на граѓаните, е дел од усогласувањето со практиките на земјите членки. Според мене, добро е и за секој нововработен во АНБ да се направат слични проверки, со колку имот располага и на кој начин го стекнал, какви дипломи поседува и кој ги издал…“, вели Дујовски.
Кога станувате членка на НАТО, споделувате огромен број информации. Затоа тие се прилично ригорозни во делот на класифицираните информации.
„Досега беше срамежлива размената на информации, но со самото потпишување на протоколот и пристапот кон алијансата, соработката и довербата меѓу службите ќе бидат на исклучително високо ниво. Во моментов сум помалку загрижен за интегритетот на институциите, токму поради фактот дека не сме оставени сами. Доколку има некакви недостатоци, нашите партнери веднаш ќе реагираат“, вели Дујовски.
Колкав ќе биде бројот на вработени во АНБ не се соопштува од безбедносни причини. Ќе биде објавен јавен оглас, сите ќе добијат еднакви шанси, комисијата ќе профилира работни места и услови за кандидатите, а на крајот ќе следува проверка според стандардите на НАТО. Печатот на сертификатот, практично, ќе го стават од алијансата откако, како што велат познавачите, кандидатите ќе бидат оценувани за тоа дали се способни за таа функција и ќе мора да одговорат на барањата и стручноста за работа.
„Тие што нема да поминат, а досега биле вработени кај нас, ќе добијат отказ“, велат од МВР.
Најголеми дилеми меѓу експертската јавност се јавија околу фактот дека премиерот ќе го предлага директорот на АНБ. Тој, исто така, ќе раководи со координацијата на националната разузнавачка заедница, во која ќе се разменуваат информации од сите три тајни служби – новата агенција, агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Дел од експертите сметаат дека така му се дава неограничена моќ на првиот човек на Владата. Други, пак, нагласуваат дека меѓународните стандарди налагаат Владата да ја контролира безбедносната служба.
Двата закона за формирање на АНБ и координативно тело, креирани во соработка со службите од четири пријателски земји, допрва треба да поминат низ парламентот. За едниот треба двотретинско мнозинство, а за другиот просто мнозинство. Во МВР сметаат дека е доволно што опозицијата учествувала во работните групи. Иако во ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека го поздравуваат вадењето на УБК надвор од МВР, забележаа оти никој не се обратил до нив да ги дадат своите забелешки.
Пратеничката Фросина Ременски, експерт од областа на безбедноста, порача дека реформата на УБК во поширок општествено-политички и безбедносен контекст не смее да биде само постапка на донесување на закон и промена на име и статус на институција.
„Реформата на УБК треба да ги расветли сите злоупотреби на кои кумувала Управата, не само од страна на оние што беа фатени живи во злоупотребите, туку и на оние што вешто со години се кријат зад превезот на некаков (за нив познат) професионализам и беа неми набљудувачи на дегенерацијата на системот“, вели Ременски.
Реформата, според неа, меѓу другото треба да ги открие корисниците на информации од незаконското следење на комуникациите, бидејќи, како што вели, тоа не се само Горан Грујоски и Сашо Мијалков, туку и други „професионалци“. „Реформата треба да ја водат и претставуваат луѓе без багаж, без прифаќање на нивниот принцип на работа ‘не сме знаеле’, ‘така ни наредија’“, нагласува Ременски. (Н.К.)