Ни Нирнбершки ни кафкијански
Ерол Ризаов
Македонија е повеќе шокирана од стартот на владеење на правото, а помалку од висината на пресудите за крвавиот четврток од 2017 година. Изречени се затворски казни од вкупно 211 години само за настаните во Собранието, а една недела порано уште шест повеќегодишни пресуди за изборни неправилности. Во завршна фаза се уште голем број судски процеси на до вчера недопирливите моќници и поранешни високи функционери. Судските сали се полни со обвинети за разни тешки кривични дела, за организиран криминал, за корупција, за нарушување на човековите права и слободи, за изборни нерегуларности, за злоупотреба на овластувањата, а секој ден се поднесуваат нови и нови предмети и се отвораат нови истраги. Изгледа дека политиката ја препушта целосно правдата на судството, иако кога е во прашање судирот на политиката и правото рано е да се даваат оценки и оптимистички заклучоци.
Пресврт на штета на правдата е можен во секој момент бидејќи конечните постапки во сите судски инстанции не се завршени. Политичкиот црн пазар од Апелација до Врховен суд може повторно да проработи. Висината на понудата и побарувачката ја одредуваат цената. Само што овој пат жртвувањето на повеќе пешаци за два коња можат да го остават кралот гол, во мат-позиција, да нема кај да мрдне, ни напред ни назад.
Сепак, најдобро е да се почека конечната судска одлука за да видиме дали затворите ќе добијат нови станари или сè ќе заврши со притворите. Досега од недопирливите ниту еден не е стасан во „Идризово“. Некои избегаа во странство, други завршија на слобода со амнестија, трети чекаат ново помирување или аболиција, четврти му палат свеќа при живе на Јово врховниот. Она што предизвикува најмногу возбуда и полемики е што во кампањата за претседателските избори која е во голем ек, иако официјално уште непочната, судските одлуки пред и по нивното донесување се коментираат јавно со јазик кој загрижува бидејќи доколку тие луѓе дојдат на власт ќе нема надежи дека е можно владеењето на правото и функционирањето на правната држава. Сите судски пресуди ги пречекуваат како резултат на монтирани процеси од политиката и како политичка пресметка и прогон на невини луѓе. Не ги признаваат злоделата кои се евидентни и јасни како бел ден.
Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата, драматично ја најави пресудата со сто години затвор за крвавиот четврток, кој ги имаше сите одлики на организиран обид за државен удар и за убиства на пратеници. Вели, тоа е „Нирнбершки процес од одмаздољубие и ништо друго“. Имало многу искажани глупости и зимзелени изјави на политичари во овие изминати 28 години независност. Но ваква срамна, глупава и штетна писмена порака на човек кој себеси се гледа како иден премиер на државата, кој е универзитетски професор и предава на студенти, досега, ниту е чуена ниту е видена во светот. Судење во сопствена држава на свои сопартијци и следбеници за настан кој сите го видовме, да се спореди со судење на злосторници против човештвото во Втората светска војна е грев за кој треба Мицкоски сам да си донесе пресуда за домашен притвор и да не излезе од врата надвор најмалку пет години од срам. Не знам што е поголем срам што човекот со докторска титула не знае што е Нирнбершки процес, па судењето на воени злосторници го изедначува со судење на македонските пучисти и „патриоти“ во 21 век. Изедначувајќи ги злоделата на нацистите и „патриотите“, и едните и другите како жртви на политичка одмазда. Или пак ако знае Мицкоски кого суделе во Нирнберг, па намерно кажува нешто од што им се крева косата на глава на илјадници луѓе. Замислете, иако е незамисливо, вакво нешто да тресне некој политичар во европските држави, на пример во Германија или во Франција. Мислам дека збогувањето со политиката би уследило истиот миг по осознавањето не на тежината на грешката, бидејќи тоа не е можно, туку на губењето на разумот. Си велам, дали Мицкоски знае што зборува, дали е свесен колкава брука нанесува по угледот на државата, дали е можно еден ваков човек со скудни знаења да стане премиер. Циниците велат, дека ништо не згрешил, освен што не се 100, туку 211 години затвор.
Трагикомично е соопштението на ВМРО-ДПМНЕ со објаснување што сакал да каже претседателот им оставено како аманет на Груевски. Демек, споредбата со Нирнбершкиот процес не се однесувала на судењето и осудените, туку на висината на казната. Секогаш е така кога некој сака да се вади, наместо да се извини длабоко и да се збогува со политиката. А, што го прогласува судењето во Скопје како Нирнбершки процес за одмазда и ништо друго, дали тоа стратезите на ВМРО-ДПМНЕ можат да го објаснат.
Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова, која не пропушта да ја истакне својата интелектуална надмоќ, избра за осуда на изречените пресуди да ги употреби зборовите кафкијански процес. Веројатно заборавила дека на тоа авторско право има Никола Груевски уште пред да избега од земјата, кога обзнани дека е жртва на кафкијански процес. Се согласувам дека е помал грев да бидеш поголем вмровец од Никола Груевски и помалку срамно да го споредуваш Франц Кафка на Груевски со Нирнбершкиот процес на Мицкоски, но сепак е интелектуален дебакл на Силјановска-Давкова. Јунакот на Кафка не знаел зошто е обвинет и осуден, за разлика од јунаците на професорите Силјановска-Давкова и Мицкоски кои добро знаат зошто се обвинети и осудени.
Силјановска-Давкова вели дека казната е драконска и дека станува збор за неправда и политички прогон. А, во исто време ја осудува амнестијата на насилниците во настаните што се случија во Собранието. Професорке, ајде малку ставете ја маската на Јанус која ви беше резервирана по сопствено признание за претпладне кога сте професор по уставно право, а не политичар, кандидат на Мицкоски за претседател на државата. Значи, ако се согласиме целосно со вас дека амнестијата е грешка на политиката и деградација на владеење на правото, тогаш што правиме со пресудата на организаторите на упадот во парламентот и на она насилство кое го виде сиот свет. Верувам и вие го видовте повеќе пати, иако не разбравме што мислите за тоа долго време, освен една штура вербална осуда колку да се исплакне устата. Дали и тоа е неправда, политичка пресметка, или мислите дека сите треба да бидат ослободени бидејќи за овој дел од предизборната кампања ја ставате маската на Јанус како политичар.
Сами најавивте дека ќе имате две лица на богот Јанус ако бидете избрани за претседател на државата. Едно како професор по уставно право и заговорник на владеење на правото, и тука нема попуштање, а второто како политичар кој ја прифаќа реалноста. Што, претпоставувам, означува дека ќе бидете флексибилни и ќе прифатите сè што е усвоено во парламентот и непотпишано од вашиот претходник. Се разбира, ако се искачите на Водно, што ќе биде тешко без ВМРО во МВРО. Ако е така, ќе треба помалку да ја заобиколувате вистината и да подгревате лажни надежи дека ќе промените многу работи. Но, уште неизбрана почнавте да ги носите двете маски наеднаш, па истовремено ја осудувате амнестијата како правник, а како политичар велите дека организаторите на крвопролевањето се неправедно осудени. Навистина има нешто кафкијанско во вашата изјава, но не и во судската постапка и во пресудата. Не слушнавме ниту еден збор да цитирате и коментирате од образложението на судијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ ништо ново. И оваа како и сите пресуди досега се означени како политичка пресметка и прогон. Врвот на најпатриотската партија останува во одбрана на учесниците и организаторите на обидот за државен удар од 27 април 2017 година, исто како и по насилството во Собранието од 24 декември 2012 година, кога беа крвнички тепани пратениците на најголемата опозициска партија и насилно исфрлени новинарите од своите работни места во парламентот за првпат во парламентарната историја на државата од АСНОМ наваму.
Третото крвопролевање во Собранието, ако политиката ги амнестира првите две, се очекува Христијан Мицкоски да го опише како палење на Рајхстагот од комунистите.
Сепак, нешто помал е срамот кога професор по уставно право и претседателски кандидат не знае што означува кафкијански процес, од професор по физика, кандидат за премиер, кога не знае што значи Нирнбершки процес.