Ниту 100 евра не чини „Гинкото“ кое ќе никне на местото на Ќосето


Дрво гинко, кое е симбол на човековите права, ќе никне на местото на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој Град Скопје го отстрани ноќеска со образложение дека е дивоградба. Дали и кои други споменици од „Скопје 2014“ се дивоградби и ќе бидат урнати или дислоцирани, градоначалникот Петре Шилегов денеска не посочи. Истакна дека меѓуресорска комисија на Министерството за култура, Општина Центар и на Град Скопје работат и како созреваат правни ситуации така ќе се преземаат соодветни акти.

Гинко (науч. Ginkgo biloba) е дрво кое потекнува од пред 225 милиони години, а во леденото време тоа успеало да преживее само во Кина. Гинкото се одликува со голема отпорност на екстремни услови (отрови, загадувачи, радијација, инсекти итн.).

Гинко е листопадно дрво кое може да расте и до 40 метри со густо разгранета крошна во пирамидален облик. Лисјата се со многу интересен и специфицен облик и претставуваат главна препознатлива карактеристика на ова дрво.

Toa е едно од најистражуваните дрва во светот со голем број научни трудови за него. Големиот интерес за гинкото произлегува оттаму што му се припишуваат голем број лековити својства. Дрвото Гинко станало омилен парковски вид бидејќи се утврдило дека го прочистува воздухот во градовите и добро го поднесува загадениот воздух. Цената на едно дрво Гинко изнесува околу 5000 денари во зависност од староста и висината на истото.