Нина Кравиц ќе настапи на „Грин бич фестивал“ во Охрид


„Грин бич фестивал“ во Охрид продолжува да се одржува со импозантни хедлајнери од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за квалитетно електронско доживување.

Годинешното издание ќе се одржи на 27 јули, а ќе настапи сибирската техно дива Нина Кравиц.
Ова ќе биде нејзино премиерно гостување во Македонија.

Кравиц е најпопуларната дама на светската електронска сцена, прогласена и за најдобар диџеј за 2017 година. Сибирката позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали.

Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно чувство со кое ја восхитува публиката.