Николоски: Во Брисел и во Вашингтон не бевме поради името


Речиси истовремено кога премиерот Зоран Заев во седиштето на Владата најави дека прифаќа име со географска одредница за нашата земја, неговиот најголем политички ривал, Христијан Мицкоски, се обраќаше во Вашингтон на Конференција за безбедност организирана од Конгресот на САД. Посочувајќи дека НАТО е клучен столб во современата евроатлантска безбедносна архитектура, додека ЕУ е главна движечка сила за демократски, економски и социјален развој на европскиот континент, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја претстави партијата како движечка сила во земјава, од која зависи иднината на државата.

По неколкугодишна изолираност поради политиките на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се доближи до моќниците што ја кројат светската политика и се надеваат дека со нивна благонаклонетост ќе успеат да ја вратат власта во Македонија. Минатата недела во Брисел беа организирани серија средби со челниците на ЕУ, меѓу кои и со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, и комесарот за проширување и добрососедски односи, Јоханес Хан.

Од друга страна, поделеното и раскарано членство е уште повеќе гневно што во моментите кога се носат најважните моменти на политичката сцена, а притворените поради случувањата во парламентот се веќе трет месец во затвор, новото партиско раководство го шета светот, не покажувајќи сенс за актуелниот момент.

Претседателот Христијан Мицкоски заедно со членот на извршниот комитет Влатко Ѓорчев присуствуваа на 66. молитвен појадок кој во Вашингтон, кој беше организиран од претседателот на САД, Доналд Трамп“, гласеше последната вест лиферувана од „белиот дворец“.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели дека посетите биле организирани со две цели: првата за да се претстави новото раководство и новите политики на ВМРО-ДПМНЕ пред нивните партнери во Брисел и во Вашингтон, а втората за да се покаже јасна посветеност за членство во ЕУ и во НАТО, за која сметаат дека е врвен државен приоритет, а тие како партија правеле сѐ за да помогнат.

Неслучајно, Брисел беше одбран да биде прва дестинација на новото раководство. Симболиката беше битна да покажеме каде ѝ е местото на Македонија: во ЕУ и во НАТО. Исто така, посетата на Вашингтон е вонредно значајна, да не заборавиме дека бевме во Будимпешта кај премиерот Виктор Орбан, а можам да најавам дека во следниот период ќе имаме посети на уште неколку европски центри. Средбите се многу суштински и многу темелно подготвувани и се далеку од куртоазни. Иницирани се на наше барање, така што не станува збор дека некој нѐ повикал од кои било причини. Разговаравме за сите актуелни прашања и во државата и во регионот. Ја потенцираме посветеноста на европската и евроатлантска агенда, но и информираме за сите злоупотреби што Владата на Македонија ги прави, застојот во реформите и политичкиот прогон“, ни изјави Николоски.

Тој тврди дека не се точни шпекулациите дека Мицкоски и најблиските соработници биле тегнати за уши да седат мирни и да го прифатат евентуалното решение за името, како и реформските закони на Владата во Скопје.

Пак ќе речам, средбите беа на наше барање. Околу името воопшто не се разговараше, а што се однесува до реформската агенда поврзана со ЕУ-интеграциите, ние сме подготвени да ги прифатиме, но само доколку и Владата е подготвена да ги прифати нашите сугестии, кои се подготвуваат во соработка со врвни експерти“, вели Николоски.

Филип Петровски, кој е еден од најголемите критичари на новото партиско раководство, воопшто не е импресиониран од евроофанзивата на Мицкоски.

Средбите се протоколарни и без никакво значење. Апсолутно не мислам дека е успех што биле примени во Брисел и во Вашингтон, оти тоа може лесно да се изменаџира. Проблемот е што кормилото е изгубено, партијата плови како чамец без кормилар и е во сѐ поголем расчекор со членството“, дециден е Петровски.

Главните забелешки кај поголемиот дел од членството се однесуваат на фактот што партијата како да престана да се грижи за притворените пратеници и симпатизери, кои се во затворот во Шутка поради насилствата од ланскиот 27 април, а не е активна ниту во бранењето на националните интереси.

Престанаа протестите, секојдневните соопштенија колку да се каже нешто не се доволни, а бојкотот во работата на парламентот се прекршува секоја втора недела. Повеќе од јасно е дека играат како што ќе им свират во Брисел и во Вашингтон, затоа и млаката реакција по изјавата на Заев дека ќе прифати промена на името. Таму се претставуваат како предводници на опозицијата, иако за тоа нема потреба, бидејќи ЕУ и САД точно знаат што се случува тука. Повеќе од јасно е дека тие самите диригираат со процесите во Македонија. И на крајот, меѓу луѓето што патуваат со Мицкоски има и такви што никој не ги знае во партијата, прашање е кога и дали воопшто станале членови или претседателот си ги довел со себе откако е назначен на новата функција“, реагираат дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Горан Адамовски