Николов: Тозија го фаворизира ДФРМ


Недоразбирањата меѓу филмските работници повторно се актуелизираат во јавноста. Овој пат станува збор за потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу Агенцијата за филм и Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, и претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи, потпишаа дека ќе ги зајакнуваат заложбите за подобрување на условите за работа, квантитетот и уметничките дострели на македонското филмско производство.

Во нивното заедничко соопштение тие потенцираа дека ќе се залагаат за филмови кои се случуваат овде и сега и говорат за предизвиците со кои се соочуваат актуелните генерации и дека ќе се поддржуваат делата што ќе го означат новиот почеток на македонското кино. Тие најавија дека приоритет ќе биде и возобновувањето на македонскиот анимиран филм. Членството на ДФРМ, сметаат тие, во минатиот период било соочено со притисоци да премине во новосоздадени здруженија и дека имало обиди да им се оспори лиценцата за организација на фестивалот „Браќа Манаки“. Во исто време, пак, велат дека Агенцијата за филм, поранешен Филмски фонд, за чие основање е заслужно Друштвото на филмските работилници, била претворена во херметична институција која работела под сомнителни околности, од кои произлегоа и сѐ уште произлегуваат вртоглави долгови.

На ова реагираше Димитар Николов-Таќи, поранешен директор на „Браќа Манаки“. Тој во писмен допис до медиумите вели дека потпишувањето на меморандумот ќе значи само фаворизирање на членовите на ДФРМ.

„Потпишувањето на овој меморандум е обид за создавање илузија и алиби за некои идни дејствија, во кои би можело да се фаворизира улогата на ова здружение или членови од истото, или би можела да произведе полесно легализирање на нетранспарентни постапки за доделување народни пари на лица и субјекти кои се занимаваат со оваа дејност“, вели Николов.
Според него, овој меморандум нема да придонесе за решавање на проблемите со кои се создавале низ години бидејќи и досега пари од Агенцијата за филм или Фондот се доделувале токму на членовите на ДФРМ.

„Сите филмови што се снимале во периодот од кога Фондот односно Агенцијата постојат им биле доделувани скоро исклучиво на членови на ова здружение. И тоа на неколку одбрани. На тие членови во тој период им се доделени огромни средства, над 85 отсто од буџетот за проекти по разни основи. Дел од тие избрани членови на ДФРМ добивале уште поголеми дополнувања на своите филмски буџети (во милиони евра) директно од Владата на Македонија, од истата таа чии наводни жртви биле. А, всушност, добиле многу милиони евра“, вели Николов во дописот.
Со ова, смета тој, нема да им се даде шанса на членовите на новосоздадената Асоцијација на филмски професионалци на Македонија (АФПМ), бидејќи им биле одбиени последните конкурси за проекти аплицирани до Агенцијата. Тој вели дека не е точно дека правеле притисоци на членови од ДФРМ да преминат кај нив.

Изминативе две години имаше и други преписки меѓу Николов и ДФРМ, откако тој беше сменет од директорското место на фестивалот „Браќа Манаки“ за што тврдеше дека било нелегално. Подоцна, во 2017 година, се појави уште едно недоразбирање кога новооформениот Центар за филм – Битола аплицираше до Агенцијата за филм да го преземе организирањето на фестивалот за филмска камера. Тоа беше во периодот додека директорка на Агенцијата за филм беше Мими Ѓоргоска Илиевска. По неколку месеци препукувања и соочување на двете апликации, Агенцијата за филм со новото раководство одлучи ДФРМ да остане организатор на фестивалот.

Ивана Настеска