Николовски: Зелена нафта од идната година, анализите направени


Направени се сите потребни анализи за воведување „зелена нафта“ во земјоделството. Стартот на мерката е планиран за 2018 година, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

– Сите анализи што треба да бидат направени во овие неколку месеци, Министерството ги направи и зелената нафта, како и ослободувањето од персоналниот данок до милион денари преку новиот систем на Управата за јавни приходи што ќе биде дефиниран во следните неколку денови, се едни од придобивките и од ветувањата вградени во програмата на новата реформска и демократска Влада, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за поддршка на млади земјоделци во МЗШВ.

Според него, овие мерки се во интерес на земјоделците и ќе бидат имплементирани следната година. Зелената нафта, подвлече министерот, значи поевтино производство и уште една придобивка за сите земјоделци.