Никовски за средбата во Виена: Ножот е дојден до коска


 

Пораншниот амбасадор, Ристо Никовски смета дека денешната средба во Виена на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас со претседателот на ОН, Метју Нимиц нема да донесе нови моменти. Според него преговорите се заглавени и се во ќорсокак.

“Денешната средба меѓу двата министри, која на некој начин се прави тајно, покажува дека преговорите се заглавени во ќорсокак, дека ножот е дојден до коска и дека сите остапки што ги даде Македонија  не помогнаа грчката страна да заземе покооперативен и попристоен став, туку водеа до максимализирање на нивните барања . Тие ќе бидат тешки,извесни и најверојатно немаат да донесат нови моменти што ќе значат пробивање на тој ќорсокак во кој заглавија преговорите”, истакна Никовски.

Според Никовски грчката страна прави проблеми и  ги максимализира своите барање видејќи дека нашата инсистира на брзо решение. Никовски ја коментира и вчерашната изјава на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан кој истакна дека за две недели ќе се реши спорот со името.

“Изјавата на Хан е апсолутно непотребна, го подгрева оптимизмот кој кај нас е нереален”,рече Никовски.

Никовски додава дека вака како што прави Владата многу тешко е да се реши проблемот со името, но според него,  Македонија не треба на ниту еден начин да го смени името и дека се што прави сега е погрешно.(Арменд Мурсели)