Ние сме боргите. Дојде животот. Отпорот е залуден.
Петар Арсовски
Во сред жешката дебата која се води деновиве околу транспарентноста и отчетноста на јавната администрација, која сега се актуелизира како што СДСМ се подготвува за реформи во медиумското законодавство, наследство од претходната авторитарна власт која жареше и палеше во Македонија во последната деценија, се појавија информации дека новата влада – и покрај нивниот јавен револт околу коруптивните спреги помеѓу ПР пропагандата и медиумите под претходниот „режим“ – всушност го зголемиле нивниот ПР тим, кој сега брои ни помалку ни повеќе, туку 120 луѓе во различни сектори на власта. Овие тврдења веднаш подигнаа повеќе веѓи, најмногу заради загриженоста дека новата влада можеби позајмила нешто повеќе одошто само страст за комуникации од нивните претходници, и дека овој тренд, е всушност индикатор дека СДСМ е сепак во обид да го контролира медиумското покривање, една од работите на кои најжестоко се противеа додека беа во опозиција.
Тешко е да се каже дали проблемот е вграден во стариот „режим“, амбициите на новата власт, или воопшто во модерниот стил на јавна политика. Се сеќавам на слична дебата пред неколку месеци, кога владата најави дека ги укинува владините реклами. Тогаш тврдев (исто како и сега), дека забраната за платените реклами нема да има ефект врз пропагандата, од три главни причини. Прво, проблемот е во злоупотребата на рекламирањето од претходната власт, а не во самото рекламирање. Постојат безброј легитимни причини зошто некои јавни политики би требало да се рекламираат (фрлање ѓубре, појаси за автомобил, едукација, итн.), така што укинувањето на владино рекламирање само зашто ВМРО ДПМНЕ го злоупотребувале, е како да забраните употреба на тоалет во сите министерства, зашто претходниците краделе тоалет хартија. Второ, потребата за владина комуникација со јавноста е автентична, и доаѓа од модерниот начин на јавен дискурс, а таквата потреба нема да исчезне, туку напротив, најверојатно ќе расте со тек на времето, па затворањето на еден канал на комуникација ќе предизвика засилување на другите канали (како ПР). Едноставно, законите на јавна комуникација не престануваат да важат зашто старата власт користела пари на граѓаните да купува уредувачка политика, и затворањето на тој канал ќе значи засилување на другите, што е очигледно од наводите околу пренатрупаниот персонал во ПР кабинетите на СДСМ. На крајот, дебатата треба да се води околу содржината која власта ја еманира низ разните канали, а не околу самите канали. Ако не се рекламирате, но упорно објавувате промотивна содржина која нема врска со јавна отчетност туку само со публицитет, да речеме преку Facebook, сте елиминирале ли пропаганда? Дали злоупотребата, без оглед на очигледната намера или содржина, престанува да постои само ако ги замените скапите филмски сетови и платени реклами, со селфи стикови и видеа во живо на Facebook? Во свет на постојани медиумски притисоци, саундбајти, лажни вести, поларизирани социјални медиуми, кои заедно произведуваат сеопфатен мотив на популизам како доминантна приказна во регионот, проблемите мора да се согледаат на системско, фундаментално ниво.
Политиката во 21-виот век е сведок на брзиот пораст на популизмот на сите страни на политичкиот спектар. Без оглед дали се работи за анти-естаблишмент гласачот на Трамп, кој верува дека Хилари Клинтон учествувала во сатански педофилски ритуали, или дека Барак Обама е роден во Кенија, или ксенофобичниот поддржувач на Брегзит кој верува во светоста на Британскиот остров, или зилотите на Орбан кои одбиваат да примат бегалци, следбениците на Ердоган кои му дадоа султански овластувања, до нашите домашни тврдења за алуминиумски запрашувања и обликот на Земјата, сведоци сме на растечки тренд на симплификација, демагогија, популизам, и постојана битка за доминација на јавниот дискурс. Овој тренд нема да исчезне, напротив, растечкиот притисок кон властите од се поинтензивниот јавен надзор ќе ги натера администрациите да се адаптираат, и најчесто, да прифатат популистички комуникациски матрици. Модерните влади се водени од анкети и рејтинзи, под притисок да испорачаат брзи и едноставни решенија за инстант гратификација, и во земји кои се соочуваат со неопходни но болни реформи – како Македонија – тоа е вистинскиот конфликт во владата. Повеќето власти, како што покажува емпиријата, соочени со изборот помеѓу опаѓачки рејтинзи за долгорочни реформи, или постојана поддршка преку саундбајти и квази-пропаганда, ќе го изберат второто.
Па така сега, кога новата власт на СДСМ се соочува со напад околу превработеност на нивните комуникациски тимови, вистинското прашање со кое се соочуваат загрижените критичари не е дали се вработени премногу “комуникатори”, туку сосема други дилеми. Прво, дали треба да не загрижува фактот што најголем дел од нив доаѓаат од невладиниот сектор, или поточно, дали е тоа импликација за лукративен, наместо принципиелен мотив за политички активизам? Второ, дали тие позиции се засолниште за партиски активисти, или зголемените вработени навистина ќе донесат потранспарентна и отчетна администрација. И на крајот (ова најмногу ме загрижува), како оваа машинерија ќе се справи со болните реформи кои ни претстојат. Имајте предвид дека ова се клинци кои развојните години ги поминале под автократска власт, и во нив има насобрано доста гнев. Тие се сега дел од нова плејада леминзи, чија мантра може исто така да се покаже алергична на критика. Македонија е земја која се соочува со тешки реформи, и вистинската опасност лежи во тоа дали новата администрација, па по аналогија и нивните ПР вработени, ќе изберат транспарентен и болен процес, или ќе се вратат на докажаните популистички методи, инстант бенефити, и обвиненија кон медиумите и критичката јавност како непријатели на нацијата и прогресот. Популизмот не е ексклузивна сопственост на ВМРО ДПМНЕ, тој не е врзан за идеолошка матрица, туку е политичка доктрина која е податлива за сите страни на политичкиот спектар.
Со оглед на најновата критика од ЕУ, соодветно резимирана во фразата „повеќе реформи, помалку ПР“, се чини дека и други се загрижени од истава проблематика. Популизмот е лесен, предизвикувачки, и загриженоста е оправдана. Новата јапи генерација на владини спин доктори е порасната во конфронтативна средина, поларизирана и антагонистичка — што преставува колевка на популизмот — и прашањето е дали го имаат наследено истиот презир кон истражувачкото новинарство, и дали соодветно на тоа ќе измислат нови непријатели како што се соочуваат со можноста за нова рунда на пинг-понг обвиненија.
Конечно, дали сме на пат да добиеме нов баталјон ПР Борг дронови, кои ќе мантраат „дојде животот, отпорот е залуден“?