Не поскапува водата во Скопје, одлуките повлечени


Не се менува цената на водата во Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов вчера ги повлече од дневен ред на Советот на Скопје точките на кои требаше да се расправа за зголемување на цената за водоснабдување и за одведување на урбани отпадни води.

Не се променило ништо за да ја менуваме цената на водата, образложи Шилегов и посочи дека оваа информација ќе ја испратат и до Регулаторната комисија за енергетика, по чиј предлог се новите тарифи.

Според новите тарифи, скопјани догодина би требало услугите на „Водовод и канализација“ да ги плаќаат за 2 денари по кубен метар поскапо, а за две години цената би пораснала за 3,8 денари по кубик. Предлог на „Водовод“ беше идната година снабдувањето со вода за домаќинствата да чини 19,35 денари за кубен метар вода, а во 2020 година, цената да се зголеми на 20,92 денари за кубик. Фирмите, пак, според предлогот треба да плаќаат тарифа од 42,41 во 2019, односно 42,30 во 2020 година. Во моментов граѓаните за еден кубик вода плаќаат 17,80 денари, а фирмите 42,01 денар.

Поскапување се предвидува и за одведувањето на отпадна вода. Според новиот тарифник, оваа услуга идната година домаќинствата треба да ги чини 11,24 денари, а во 2020 година 11,61 денар за еден кубик, за разлика од сега, кога плаќаат 10,84 денари. Правните лица, пак за одведување на отпадна вода плаќаат 16,52, а покачувањето е предвидено на 16,79, односно на 17,02 денари.

Ова е втор пат годинава да се бараат нови цени на водата, а градоначалчникот Шилегов да ја повлекува одлуката. И во јануари на дневен ред на Советот беше ставена точка со која се предвидуваше воведување на нова давачка за одржување на пречистителни станици која требаше да биде 2,4 денари за кубен метар. Шилегов тогаш рече дека одлуката на регулаторна била политикантска и затоа скопјани нема да плаќаат повисоки сметки за вода.