Не е секогаш корупцијата, почесто неетичноста е она што убива


Ана Павловска-Данева

Прашањата на професионална етика и личен интегритет стануваат тема од највисок интерес во светот. Правилата содржани во етичките кодекси со кои се уредува однесувањето на функционерите, службениците, професорите, лекарите, судиите, обвинителите, адвокатите и сите општествени групи кои го сочинуваат јавниот сектор (оние што се должни да им даваат услуги на граѓаните) се актуелни теми со кои се занимаваат Советот на Европа (четвртиот и петтиот евалуациски круг на ГРЕКО), Обединетите нации (наставни планови за етика и интегритет искреирани од United Nations Office on Drugs and Crime) и многу други меѓународни организации и тела.

Веднаш по оваа констатација, се прашувам вреди ли да се зборува за професионална етика во држава чијшто претседател не потпишува укази за новодонесените закони затоа што не се согласува со новите уставни одредби донесени од Собранието? Не му се допаѓа новото име на државата? Етички е да си даде оставка со изговор дека не сака да биде претседател на Северна Македонија. Не е етички да не ги потпишува указите на кои стои името Северна Македонија, а сепак да седи во фотелјата на канцеларијата на претседателот на Република Северна Македонија.

Навистина, тешко е да се зборува за професионален интегритет на пратеник чие цело потесно, но и пошироко семејство се сместило во јавни институции и тоа токму во период на негово/нејзино вршење на функцијата. И, погрешно е, целосно е погрешно да се бара од тие синови, ќерки, зетовци и снаи да си даваат откази. Потребно било воопшто до тоа да не дојде. Тоа треба да го предвидуваат разните етички кодекси што не ги читаме, тоа треба да го превенираат разните советници во институциите на власта кои ние ги немаме. Тоа треба да го содржат свечените заклетви за чие читање се прават фризури, тоа треба да го содржат договорите за вработување или ангажирање, решенијата за именување. Дека во оној момент кога си ја прекршил заклетвата, не си ги испочитувал обврските утврдени со договорот/решението, ти ќе ја напуштиш функцијата. Самостојно.

Ако не самостојно, тогаш на тоа ќе те натера „судот на честа“ во твојата институција за да остане чист образот на институцијата, за да се зголеми довербата на јавноста во неа. Се разбира, кога такви судови на честа ќе има во нашите институции. Како што ги има ширум Европа, а се викаат совети за етика, совети на честа, доверливи совети или советници за доверливи и етички прашања итн. Па тие организираат советувања и обуки, еднаш месечно средби со највисоките носители на функции на кои им укажуваат на секоја постапка, изјава, дејствие кое го нарушува нивниот личен интегритет или професионално однесување. Се разбира, прво се поминува обука за објаснување на поимите професионална етика и личен интегритет која кај нас им е потребна на сите, од најнизок административен службеник, до универзитетски професор.

Порано не беше вообичаено етичките кодекси да содржат казни. Сега тоа меѓународните институции од нас го бараат и ние мора да се приспособиме. Очигледно, не е доволно само да пишеме на хартија тоа што од нас се бара, сега треба да си смислиме и механизми (казни) за спроведување на напишаното. За волја на вистината, нашето Собрание е првото кое не само што минатата година донесе Етички кодекс, туку направи и негови измени со кои предвиде парични казни, како и казна времена суспензија од работа во работни тела за пратеници кај кои настанал конфликт на интереси или не ги почитувале одредбите за подароци и сл. Секоја чест за стореното. Е, сега уште да си ја завршат до крај работата оние што според истиот тој Кодекс треба да поведат постапки и да казнуваат би било навистина прекрасно. Поточно, Комисијата за мандатно-имунитетски прашања ја чекаме да седне, да си донесе правилник за постапување и конечно да започне постапки и по претставките што веќе ги има, но и по службена должност… на пример, за конфликт на интереси на одредени пратеници. Да не чекаат други да се справат со нивниот непотизам, самите тоа да го сторат.

За разлика од Собранието, нашите судии никако да стигнат до фаза да разработат процедури за спроведување на нивниот Кодекс за судска етика. Се започнаа куп проекти, се држеа фини советувања по разни хотелски сали во присуство на медиуми и странски амбасади, се изнапишаа стратегии, насоки и што уште не, но никако да видиме спроведување во живот на тој Кодекс. Можеби криминалот во државава им се чини побитен од обичните секојдневни врскички, вработувања и ситни подарочиња и услуги во нивните редови, но ние граѓаните во државава навистина би сакале да видиме како чесните судии се справуваат со нечесните или помалку чесните меѓу нив.

Истово важи и за функционерите во извршната власт. Не зборувам јас за корупција ситна или крупна. Тоа е друга тема. Која произлегува од оваа. Зборувам за непрофесионалност и неетичност. Минатиов викенд разговарав со пријателка. Вели, биле 3-4 колеги кај „државниот“. Не бил задоволен од некаква настаната ситуација во министерството. Зборувал неповрзано и луто. Највисоката службеничка во хиерархијата му рекла да се опушти, да зборува слободно зашто сите присутни „се наши“. Викнал гласно: „Е, не се сите наши“ гледајќи во мојата пријателка. А, навистина таа не е член на партија. Ниту една. Никогаш не била. Работи во министерството 20 години. Нема највисока раководна позиција, но задоволна е. Бев полудена од нервоза кога ми раскажа за односот на „државниов“ кој инаку го познавам и се срамам што го знам. Ѝ кажувам каде да се обрати, што да напише… Се чуди и ме гледа, ми вели дека истото ѝ се случувало и претходно. Речиси цели дваесет години. Во поделбата на „наши“ и „нивни“ најчесто била на ветрометина или на „нивни“ затоа што не е меѓу „нашите“. Не е возбудена, ниту навредена. Нема да покренува никаква постапка. Но, затоа институцијата ја чувствува како место во кое мора да се поминат неколку часа дневно. Колку може помалку. Секоја шанса се користи за заминување порано, завршување приватни обврски, подзадоцнување, често и за пиење кафе во околните локали со колеги или со останати пријатели. Само да се биде подалеку од „нивните“.

Е, ова е секојдневие е во секоја можна институција. И е спротивно на професионалната етика. Потребни се обуки. Како што постојат обуки за убаво однесување на училиште (им се предаваат на децата во првите училишни денови), така се потребни обуки за однесување во администрација (влада, собрание, суд, обвинителство итн.) во првите денови од вработување/назначување во вие институции, но и нивно повторување.

Она што административците ги тера што помалку време да поминуваат на работа, тоа за многу кратко време сите ќе нè спотера што помалку време да поминуваме во државата. Непрофесионалност и неетичност се вика тоа. Паушалност, површност и незнаење. Да пробаме да го искорениме уште при вработување (стекнување на функција), па во континуитет, сè до нивниот престанок. За пример, да почнеме со една показна вежба: оставка, отказ, повлекување, суспензија, што било, како мерка за спречување конфликт на интереси!