Не е дека баш сме безбедни
Вознемирувачки звучат пораките на Евелин Фаркаш, заменик-помошник државен секретар за одбрана во администрацијата на Барак Обама и актуелен член на Атлантскиот совет што ги испрати во вчерашното интервју за „Независен весник“. Таа вели дека членството во НАТО ќе значи стабилност и безбедност од каква било надворешна закана, модернизација и раст на демократијата, но евентуалното „не“ на претстојниот референдум ќе влијае врз ситуацијата во регионот, не исклучувајќи можност за војна. Барајќи да се движиме кон иднината, а не кон минатото, таа најпластично ни објаснува што може да се случи доколку одбиеме да бидеме во друштво на големите.
За жал, тоа не е осамен глас во вселената, туку призвук што зачестено се слуша изминатиот период. И не е само дека ни се закануваат од Брисел и од Вашингтон за да нè заплашат, за случајно да не ни дојде на ум да го поништиме договорот со Грција. Сведоци сме на запаливата реторика околу Косово, каде што толку се испомешаа работите што веќе никому не му е јасно кој што нуди, кој ја сака Прешевската долина, а кој е за Косовска Митровица. Лидерите во Белград и во Приштина, а се вклучуваат и оние од Тирана, лицитираат небаре договараат купопродажба на земјиште за нива, па мораше да се вклучат и европските лидери да им кажат на децата да престанат да си играат. Британскиот амбасадор во Косово, Рори О’Конел, поентира дека границите можеби се договараат со зборови, но се менуваат со куршуми. Во меѓувреме, и овдешните Албанци најпријателски нè предупредуваат дека нема да седат мирни доколку Македонија ја отфрли можноста за брз влез во НАТО. Жалосно е што тоа го вели и советник на премиерот Зоран Заев, човек кој барем досега важеше за искусен аналитичар и политичар, чии изјави и толкувања со задоволство беа користени од медиумите.
Кроењето на границите одамна е омилено хоби на балканските политичари. И во нашата земја можеа да се слушнат размислувања за размена на територии, кои од старт беа отфрлени. Но опасноста, реално, сè уште постои.
Македонија, за жал, од секогаш служела за поткусурување на соседите и на светските сили. И така ќе биде додека не седнеме рамноправно на иста маса со нив, иако јасно е дека гласот на едвај два милиони луѓе никогаш нема да биде еднакво силен како кај некои други. Секогаш ќе има влијанија од надвор што едвај ќе дочекаат да останеме сами и незаштитени. Да бевме обединети, можеби ќе беше поинаку. Вака, поделени меѓу себе по секаква линија, од партиска, национална, верска, па дури и внатре во рамките на ист етникум, сме посигурен облог за брза дестабилизација од тоа дека Цеца ќе го наполни плоштадот на кое било место во Македонија.
Земја која нема ефикасна администрација, развиена економија, со неспособна политичка елита, слаба општествена свест, поткупливо судство, раселена младост и состојба на безнадежност, тешко може сама да се носи со предизвиците. Од кое било поле и од каде било.
Лошото е во тоа што многумина, па и носителите на политичките одлуки, сметаат дека сè ќе се реши само од себе со тоа што мнозинството граѓани ќе заокружат „за“ за 45 дена. Не, дури тогаш ќе биде опасно за нив, затоа што големите нема да ја дозволат нивната неспособност. Тоа што се навикнале на апатичен народ ќе им се одбие од глава за кратко време. Би било подобро кога уште од утре почнат да работат на тоа Македонија да стане просперитетна заради нас самите, оти тогаш помалку ќе се грижиме за истории, национализам, граници, политики… Ќе бидеме среќни, нешто што по 27 години дефанзива, изгледа непоимливо чувство за нашето општество. Сепак, не е сè и до политичарите. Ние го имаме последниот збор. И сами одлучуваме за нашата и за иднината на нашите деца.
Горан Адамовски