Нешто како пораз


Никола Поповски

Да не постоеше погубната надворешна и внатрешна политика на Никола Груевски и неговата влада, проблемот со името на нашата земја сега ќе имаше сосема нова димензија. Нивните брзоплети обиди за антиквизација на Македонија од септември 2006 до март 2008 година, кога започнаа со преименување на сè и сешто во земјава со имињата на владетелите на античките Македонци и поставување на нивни споменици и скулптури, доведоа до сомневања и нервоза кај Грците и до нивното вето во април 2008 година на веќе обезбеденото членство во НАТО и претстојниот почеток на преговорите за членство во ЕУ со времената референца на нашата земја. Впрочем, со таа референца стигнавме пред портите на НАТО и добивме кандидатски статус во ЕУ без никаков сериозен проблем. Сега веќе е доцна за враќање назад бидејќи тоа, всушност, не е ни можно. Доколку сакаме да продолжиме напред кон ЕУ и НАТО, името треба да се смени. Доколку не сакаме – не мораме. Капиталот што во минатото го стекнавме од 130 земји што нѐ признаваат како Република Македонија и непречена официјалната употреба на македонскиот јазик и нација во сите сегменти е потрошен. За тоа малку придонесе дури и сегашната брзоплета наивност дека решението може да се најде веднаш.

Да, сите сме преокупирани со тоа какво ново име ќе измислат за нашата татковина. Кој било. Кое било. Какво било. Но тоа мора да е веднаш, сега. Името на татковината очигледно е на некаква брзопотезна лицитација. Сега или никогаш. Како во некој лош сон или во филм на апсурдот. Ние преокупирани со името, а другите со своите секојдневни животни проблеми. Така ќе требаше да биде и со нас во некои поинакви и посреќни времиња. Но, не е. Ние сме како во некој инверзен политички и општествен универзум што само нѐ измачува и не престанува.

Додека оние во ЕУ и Грција, а во поново време и во Бугарија, се занимаваат со нашите најважни и историски проблеми во врска со нас и со нашето име на „маргините“ од состаноците, на истите тие состаноци тие се занимаваат само со своите дневни проблеми. Замислете го апсурдот – за преименување на една држава и народ да се расправа на маргини од состаноци каде на формалните дневни редови се расправа за глупости за кои и самите учесници знаат дека нема да се воопшто вредни веќе идниот работен ден по завршувањето на состаноците. Идниот ден тие ќе се занимаваат само со своите сопствени и себични проблеми.

И тоа не треба да нѐ загрижува бидејќи тоа е нормално. Но дали ние со нашите сопствени проблеми се занимаваме на прифатлив себичен начин? Или се занимаваме така што им погодуваме на сите освен на самите себеси? Тоа е погрешен пристап. Уште основачот на современата економска наука, Адам Смит, соопштил дека секој поединец се обидува колку што може да го ангажира својот капитал во поддршка на своето производство и да го насочи тоа така што производството ќе биде со најголема вредност. Притоа, секој поединец нужно работи за да овозможи и годишниот приход на општеството да биде што поголем, иако генерално тој секако нема намера да го промовира јавниот интерес, ниту знае колку истиот го промовира… тој има намера само за сопствена добивка и во тоа, како и во многу други случаи, тој е воден од невидлива рака да промовира нешта што не биле дел од неговата намера, а тоа е јавниот интерес што е придобивка на сите. Слично е и во политиката. Ако една земја го брани и штити својот интерес, таа со тоа го штити и интересот на сите други. Ако не ги штити своите интереси и нив ги потчини на другите, тогаш таа не е во состојба да им биде од корист ниту на оние на чии интереси се потчинила.

Тоа нам и ни се случи. Додека внатрешната политичка сцена се натпреваруваше за тоа дали е прифатлив или не е прифатлив сопствениот несмасен и неодмерен предлог за ново име на татковината, грчката влада сама се одѕва во рок од 24 часа за да каже дека предлогот е неприфатлив. Некои сметаат дека со тоа таа нѐ спасила од самите себеси и сопствената наивност, а други сметаат дека со тоа таа извела класичен дипломатски маневар со кој ги сместила нашите преговарачи во детска градинка и ги довела во позиција нивните преговарачки позиции да се сосема урнати, а грчките зајакнати со потенцијал во идната фаза да ни нанесат уште поголем удар. Со оглед на преголемата посветеност на дел од македонската политичка елита и македонското општество кон што побрза, па дури и несфатлива промена на сопственото име, нема да е чудно тоа да ни се случи.

Процесот што се водеше на теренот и во рамките на ОН меѓу Македонија и Грција со посредство на медијатор на ОН сега наивно се сведе на билатерален самостоен процес меѓу Македонија и Грција, при што ние во негови рамки имаме итни барања и големи очекувања (членство во НАТО и ЕУ) а тие немаат ништо, па дури и уживаат во тоа дека после цела една деценија од нивниот формален државен банкрот во 2009 година и поминати тешки години на понижување и молење за репрограм на нивните кредити пред портите на ММФ, ЕУ и ЕЦБ сега се во состојба и тие да покажуваат сила на некого и да се фактор од кој зависи судбината на другите. Дотолку повеќе што на Грците им успеа во играта да ги вклучат и Бугарите со своите неискрени и нечесни интереси кон нас, а ние сето тоа да не го ни видиме ни забележиме и да се изложиме на фактот дека сега и последниве учествуваат во процесот за наоѓање на решение за нашето име и си даваат за право да одлучуваат кое име сега пак за нив било прифатливо или не.

Од состојба на преговори во формат 1:1 во ОН што траеше 23 години, сега сме во некаква нова и полудефинирана состојба на преговори во формат 1 : (1+1) од која однапред се знае, па дури и се гледа кој ќе го извлече подебелиот крај. Впрочем за само неколку месеци интензивни директни и прилично наивни преговори се доведовме во многу незавидна состојба. Тоа што потпретседателот на САД, Мајк Пенс, по одбивањето на предлогот од грчка страна му се јавил на нивниот премиер за да укаже дека САД очекуваат решение нема многу да смени. Тоа го направи и Џорџ Буш во 2008 со тогашниот грчки премиер, но ветото остана до ден денешен.

Каде е сега излезот? Излез на повидок нема. Со оглед на грчкото одбивање на несмасниот предлог и со оглед на одбивањето на опозицијата во земјава да се согласи со него, се чини дека само владејачката коалиција во земјава остана со подадена рака што нема кој да ја прифати, бидејќи е подадена во погрешен правец и со погрешна содржина во неа. Не треба да се чудиме ако сега преговорите се вратат многу назад без никакви изгледни скори шанси и со нарушена доверба меѓу преговарачите. Затоа нужно е да се направи пауза, да се резимира што сè се разговарало и понудило, одбило, прифатило и со тоа да се оди наново на преговори во ОН и со учество на формалниот посредник. Сите оние земји што самите си дале право да се мешаат во спорот за името да бидат веднаш исклучени од тоа право, а внатре во земјава сите што направиле стратегиски грешки со преговорите, поради што ја влошиле преговарачката позиција на земјата и изгледите за прифатливо за нас решение да си сносат консеквенции до ниво на политичка одговорност. Во спротивно, тие ќе мислат дека со тоа што ним им е дадена скапа играчка – преговорите, ќе можат и во иднина да ја влошуваат позицијата на земјава.

Нормално, ваквиот начин на одвивање на работите значи дека посакуваниот напредок на Македонија кон евроатлантските интегративни процеси ќе остане блокиран и дека на владата не ѝ останува ништо друго освен итно да се сврти кон оние проблеми што може да ги решава во рамки на досегашниот статус што го има во меѓународната заедница. За другите ќе чека други времиња, бидејќи своето време за овој проблем го потроши пребрзо и погрешно.

Секако, проблемите внатре во Македонија се многубројни. Тие не се непознати и се протегаат од справување со криминалот и корупцијата, преку потребите за реформи во судството и државните служби, па сè до подобрување на економијата и вработеноста, излез од бесперспективноста и незапирливиот процес на напуштање на земјата од страна на помладото и пообразовано население. За овие проблеми на актуелната власт во најдобар случај и остануваат уште само 2 години бидејќи веќе во летото 2020 година кампањата за нови избори ќе биде во полн ек. Тоа воопшто не е многу време.