Нетанјаху: Мешањето на Иран во Сирија е главна закана за Блискиот Исток


Обидите на Иран за засилување на своето воено присуство во Сирија претставува главна закана за стабилноста на Блискиот Исток, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на редовната седница на неговата Влада.

Тој нагласи дека ваквиот став и го пренел и на британската премиерка Тереза Меј за време на нивниот вчерашен телефонски разговор.

– Синоќа разговарав со Меј и и реков дека главниот елемент што ја поткопува стабилноста на Блискиот Исток, пред се е Иран, изјави Нетанјаху.

Тој додаде дека на сирискиот претседател Башар ал-Асад треба да му биде јасно дека ако им дозволи на Иран и неговите марионети да го зајакнат своето воено присуство на сириска територија, тогаш ги доведува под закана стабилноста на Сирија и на целиот регион.

Во телефонскиот разговор со Меј, одржан по вчерашните напади на САД, Велика Британија и Франција врз цели во Сирија. Нетанјаху ја поддржал акцијата на трите западни земји, додавајќи дека „политиката на нулта толеранција кон употребата на неконвенционални оружја, треба да опфати и мерки против обидите за создавање нуклеарни потенцијали од страна на терористички држави и групи“.