Непотизмот, (не)културата и молкот
Марија Павлеска
Мај е месец на празнувања. Почнувајќи од 1 Мај, како Меѓународен ден на трудот, 9 Мај, кој се слави како Ден на победата над фашизмот, а воедно и како Ден на Европа и за нас еден од најважните 24 Мај – Ден на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј. Меѓутоа, денес причините поради кои овие денови се неработни избледуваат, а целата дискусија околу празникот се води во насока дали ќе може да се спојат неработни денови со денови од викенд.
Денот после празнувањето на Св. Кирил и Методиј, 25 Мај, во време на СФРЈ беше славен како Ден на младоста. Ние не можеме да си дозволиме да славиме Ден на младоста бидејќи Македонија се наоѓа на европското дно според можностите за напредок на младите. Индексот кој го мери квалитетот на животот на младите, пресметан користејќи 60 социјални индикатори нѐ позиционира на 35 место од 40 избрани земји од Европа.
Меѓутоа, за нас во „понова“ Македонија, најзначаен датум требаше да биде 5 мај 2015 година, кога спонтано по слушањето на една од бомбите се случи народ пред Владата кој бараше правда за убиството на Мартин Нешкоски. Следната година сѐ уште бевме на улица протестирајќи. Идеалите беа слобода и правда, а мотото „Нема правда, нема мир“.
Денешниот мир е всушност молк на пропустите. Некакво чекање чиј крај не се знае. Владата (зградата) уште е „ружна“, ама барем беше твитнато дека внатре пилешката чорба за „пеефче“ е феноменална. Оваа информација не им помогна на студентите од студентските домови, каде што не само што исхраната не се подобри, туку добија и директор кој изјави дека ќе направи анкета меѓу студентите станари за да се информира за условите и состојбата во домовите.
Другиот директор поврзан со сектор млади – оној на Агенција за млади и спорт, кој се прослави како несуден уредник на збирка поезија, не забележавме дека се прошета на Саемот на книга, кој оваа година се одржа во спортска сала. Всушност за тоа каков беше саемот годинава доволно беше опишано во една кратка сцена што ја сподели Илина Јакимовска на Твитер кога дете на околу 10 години, зацрвенето во образите, со тежок ранец на грбот, прашало на еден од штандовите:
„Добар ден, каде се писателите?“
„Кои писатели, душо?“, го прашале.
„Кој било писател, сакам да видам некој“, одговорило детето.
Кога го прочитав ова си помислив колку му било лесно на Горан Стефановски, кога еднаш одејќи накај факултет застанал во МАНУ и на пријавница, како што пишува, „ни помалку ни повеќе“ побарал да го види Блаже Конески. Конески слегол и разговарале десетина минути. Во својата книга „Приказни од дивиот исток“ Стефановски пишува: „Од некакви причини сметав дека имам право на тој човек. Дека тој седи таму и ги застапува моите интереси и дека можам да се повикам на него. Тоа беа времиња кога мислев дека тоа што го правам има некаква заедничка смисла и важност.“
Јас веќе подолго време имам чувство дека младите апсолутно нема на кого да се повикаат. А, она што го прават за заедничка смисла и од вистинска важност не може да биде претставено. Тоа е затоа што разните власти не само што одлучуваат кој има право да настапува на сцена, туку и аудиториумот се полни со публика која што си има агенда за аплаузи и овации.
Од денес, 28 мај, па сѐ до 2 јуни во Кочани ќе се играат претстави во склоп на програмата на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. На ова, 55. издание на фестивалот, ќе настапат 16 ансамбли, а ќе се изигра и една професионална претстава, хит комедијата „Чао пријатно“.
Начелно беше планирано фестивалот да го отвори министерот (во заминување) Роберт Алаѓозовски. Но она што прво беше воочливо во програмата покрај официјалниот дел со претставите, се двете промоции на книги. Едната „Македонска рок енциклопедија“ на Тошо Филиповски, родум од Кочани – град во кој се одржува фестивалот, и втората на словенечкиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е мртов“ (Punk is Dead).
И ако го прескокнеме делот каде што на театарски фестивал нема промоција на книга за театар, доаѓаме до делот зошто и како се избрале овие две книги. Дури и ќе го оправдаме промовирањето на „Македонската рок-енциклопедија“. Токму на ваков настан ова капитално дело ќе може да им се приближи на повеќе луѓе, а воедно и авторот заслужи поддршка после сите битки со ветерници кои ги совлада во процесот на неговата подготовка и издавање. Меѓутоа, втората промоција е проблематична по повеќе основи.
Најпрво, бидејќи издавач на „Панкот е мртов“ е издавачката куќа „Готен“, чиј сопственик и основач е токму министерот Алаѓозовски, а второ, бидејќи преведувачот на книгата е новиот претседател на фестивалот, Дарко Спасов.
Спасов за претседател на фестивалот бил избран на 17 февруари оваа година. На истата седница покрај избирањето на претседател и нов Управен одбор започнале и подготовките околу ова 55. издание на фестивалот. Ако се вратиме наназад, и професионалната претстава „Чао пријатно“, избрана за затворање на фестивалот, се игра на репертоарот на Театар Комедија, каде што Спасов е вработен како драматург од 2015 година.
За изборот на претставите во натпреварувачката програма на фестивалот одлучувала актерката Јасмина Билаловиќ, додека во жири за наградите ќе одлучува сопругот на Билаловиќ, актерот Горан Стојаноски.
За ваков непотизам се боревме? За оваа ослободена култура? За овие фер можности? За оваа транспарентност? Па, целосно е небитно кои претстави ќе се играат ако темелот на кој фестивалот е поставен е корумпиран. Театарот требаше и можеше да биде противотров на сето досегашно лудило, но со овие постапки културното лудило продолжува.
После сѐ, испаѓа дека проектите одобрени со Годишната програма и досегашниот избор на културни в.д. директори, претседатели и членови на управни и извршни одбори се само акцелератор кон пропаста која и се пишува на она што остана од културата кај нас. Наместо со решителност да се започне работа на поставување на културата на здрави нозе, целосна ревизија и поставување на критериуми, тука секој побрза да направи свој клан и да заземе територија. А, чуму културна територија без зачуван интегритет?
(Авторката е театарски работник)