Нема фрлање ѓубре насекаде, инспекциите казнуваат


Големата акција за чистење на Скопје од вчера продолжи во Општината Гази Баба. Повеќе од 200 работници, ангажирани преку јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, заедно со стотина од општината ќе чистат диви депонии, паркови, улици и тротоари.

Акцијата започна на почетокот на септември, а досега во општините Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Аеродром и Центар се исчистени 220 депонии. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вчера апелираше граѓаните да ја зачуваат чиста животната околина бидејќи инспекциските служби почнаа со казнување.

„Инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари извршуваат засилени контроли на терен. Изречени се две казни за недозволено палење кабли и пластика и една казна за оставање градежен шут на јавна површина. Апелирам до сите граѓани да ги пријавуваат сите незаконски дејствија бидејќи, ако сакаме да ни биде почист градот, секој од нас треба да покаже повисок степен на грижа за хигиената во средината каде што живее“, истакна Шилегов.

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, информира дека во акцијата ќе се чистат зелените површини и дивите депонии во сите населби во Општината, а ќе се поставува и нова урбана опрема – клупи, канти и чешми.(С.Н.)