Нема да се градат облакодери во центарот на Скопје


Нема изградба на облакодери во центарот на Скопје. Од Општината Центар демантираат дека на паркингот кај „Холидеј ин“ ќе се градот 60-катници бидејќи во моментов во тек е менување на тој детален урбанистички план.

Изградба на три облакодери од 60 ката во центарот на градот, како и цела нова населба на местото на касарната „Илинден“ најави директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски. Како дел од планот за хиперпродукција на станови, тој најави дека Скопје ќе продолжи да се шири и во Аеродром и во Кисела Вода, а планирани се локации и во Центар.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пак, потсети дека мораториумот на градба во оваа општина сè уште трае. Тој период се користи да се менуваат ДУП, особено околу катноста на предвидените згради, како и застапеноста на зеленило меѓу нив.

„Со изменетиот ДУП не се предвидува толкава катност на згради. Планираме развој на овој дел од општината, но со многу похумани услови за живот“, вели Богдановиќ.

Според директорот на Акционерското друштво, Кристијан Трајковски во план е градежна експанзија, што ќе направи хиперпродукција на новоизграден станбен простор. За таа намена ќе се зголемува фондот на изградба на станови, а во план е и вклучување на приватни градежни компании, преку јавно-приватно партнерство.

„Селектираме локации за комерцијални објекти на кои ќе се работи со вклучување на приватниот сектор како партнер. Со јавно-приватно партнерство и во соработка со општините планираме да направиме хиперпродукција. Еден од планираните проекти е на потегот кон касарната ‘Илинден’, каде што ќе има деловен комплекс со станбени единици. Исто така, на паркингот кај ‘Холидеј ин’ се предвидени три 60-катници, за кои сметам дека се идеална локација за современ бизнис-центар кој му е потребен на Скопје“, вели Трајковски.

Претпријатието за станбен и деловен простор планира и нови градби на три локации, две во Општина Аеродром и една на Јужен булевар во Општина Центар, на потегот кон Кисела Вода. Во Аеродром за едната веќе е обезбедено одобрение за градба, а за другата тече постапката. На третата локација на Јужен булевар, каде што ќе се гради објект на над 10.000 квадратни метри, во тек е фазата на претпроектирање.

Градоначалникот Богдановиќ, пак, вели дека и за овој потег се ревидира Деталниот урбанистички план, кој во моментов е на разгледување во Градот Скопје. На Јужниот булевар веќе е повлечена маркицата за изградба на катна гаража, која требало да се гради во зеленило. Инвеститорите на овој потег, вели Богдановиќ, паркирањето ќе мора да го решат во рамките на своите објекти.

Ревидирање на деталните планови најави и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој информира дека Градот Скопје изработува регулациски планови со кои ќе им наложи на општините да избришат дел од маркиците за згради и да предвидат зеленило, градинки и училишта. Во Скопје се изградија три облакодери во Општина Аеродром, пред кои највисоката зграда беше до 17 ката.

Спротивно од заложбите за хиперпродукција на нови станови, податоците на Агенцијата за катастар покажуваат дека граѓаните преферираат стари станови. Според годишниот извештај на Катастарот за 2017 година, од продадени 11.363 стана, помалку од илјада биле во новоградби, а 10.231 во стари згради. Само 164 биле откуп од државата, а пет од лицитација. Регистарот на цени и закупнини на Катастарот во 2017 година забележал и драстично опаѓање на побарувачката за купување и за закупување на станови во споредба со 2016 година. Пред две години се продале и се закупиле 25.152 стана, а лани за 43 отсто помалку.

Сања Наумовска