Неколку скопски кафулиња казнети поради бучава


Општина Центар информамираше дека нема да дозволи да не се почитува Законот за бучава и да се нарушува ноќниот мир на жителите.
По укажување на граѓани за бучава од гласна музика, од општината спроведоа инспекциски надзор во неколку угостителски објекти.

„Инспекцијата во ноќните часови, направи надзор во 6 локали: Џуси бар, Бастион, Локал 45 и Радио Бар, лоцирани на улиците „Ленинова„ и „Пиринска“, Колектив Бар на Плоштад „Македонија“ и Нола бар во Капиштец. По извршените мерења од овластена лабораторија за животна средина, добиени се извештаи за надминување на дозволеното ниво на бучава. Овластениот инспектор за животна средина ги посети сите угостителски објекти, по што изготви решенија со кои ги упати да превземат мерки за намалување на нивото на бучава во рамките на пропишаните гранични вредности. Согласно Законот за заштита од бучава, на објектите им се доставуваат платни налози за глоба за сторен прекршок во висина на одмерената сума согласно Законот за прекршоци“, соопштуваат од општината.

На четири од локалите им е одмерена глоба во вредност од 300 – 500 евра . Доколку глобата се плати во рок од осум дена вредноста се намалува за половина. За два од објектите, постапката е во тек, бидејќи се чека да поднесат годишни сметки според кои ќе се одмери казната.
Бучавата од гласна музика е проблем во општина Центар, бидејќи на мал простор во станбени објекти, приземни делови на зградите се наменети за кафулиња и тука во ноќните часови се одржуваат забави со голем број на гости и гласна музика.

Општина Центар апелира до граѓаните да пријават гласна музика, и вознемирување во Полициската станица Центар, под чија надлежност е нарушување на јавниот ред и мир. Општина Центар заедно со МВР ќе превземе континуирани и редовни контроли по што ќе се превземат неопходните мерки .