Неисплаќањето плати и К-15 се уште горлив проблем за македонскиот работник
Неисплатена плата и недоместоци на плата, како и неисплатување регрес за годишен одмор, се уште се меѓу главните проблеми со кои се соочува македонскиот работник, иако овие права му се загарантирани со закон.
Најнов случај за неисплатен К-15 доаѓа од штипската фабрика за производство на чевли „Баргала“ во Штип каде по претставка од Хелсиншки комитет е извршен вонреден инспекциски надзор, при што од страна на Државниот инспекторат за труд е донесено решение со кое му се наредува на работодавачот во даден рок да го исплати регресот на годишен одмор.
– Во законскиот рок работодавачот поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен за инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Жалбата го одложува извршувањето на решението, поради што се чека одлука од Второстепениот орган, велат од Државниот инспекторат за труд.
Засега нема статистички податоци колку претставки од вработени има по основ на неисплатен регрес за годишен одмор.
Она што постои како податок се информациите од Сојузот на синдикати на Македонија чии правни служби минатата година дале бесплатна правна помош по овој основ за 528 обраќања од вработени, а од јануари до јуни годинава за околу 200 обраќања. По основ на неисплатени плати имало 631 обраќање, а во првите шест месеци од годинава 141 обраќање.
– Обраќањата по овие основи се во континуитет во најголем број, за кои службите на ССМ преземаат правни дејствија и постапки за заштита на работничките права. Исплатата на плата е основно и најзначајно право од кое зависи егзистенцијата на работникот и неговото семејство и затоа работниците се најмотивирани да се обратат за заштита кога се работи за остварување на ова право, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Оттаму посочуваат дека правниците од ССМ ги преземаат сите активности согласно законот со цел да им овозможат на работниците заштита на нивните права од работен однос.
– Обраќањето на работниците или на синдикалните претставници до работодавачите со аргументирани и законски образложени барања подготвени од службите на ССМ во одредени случаи завршува со спогодбено решавање на проблемите што е во интерес и на работниците и на работодавачите, истакнуваат од ССМ.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека по воведувањето на електронското плаќање на придонесите, намален е бројот на работници кои не земаат плата, а во однос на неисплатата на К-15 проблемот го гледаат во недоволното познавање на законските прописи од страна на дел од малите и микро претпријатија кои, за жал, не склучуваат спогодба со вработените и одлучуваат да не исплаќаат К -15.
– По воведување на електронското плаќање на придонесите има намалување на бројот на работници кои не земаат плата, но за жал некои подобри компании, само заради неликвидноста на купувачите, се доведени во ситуација да не можат редовно да ги исплаќаат платите, вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ.
Од друга страна, работниците, се уште, не се доволно охрабрени да пријавуваат злоупотреби при исплата на платите или К-15 бидејќи се плашат да не бидат избркани од работа или да не им биде вршен притисок на работа од страна на раководството.
Дека, се уште, има злоупотреби во исплатата на платите потврдуваат и направените анализи од страна на одредени организации кои покажуваат дека има работници кои дел од платата ја добиваат на сметка, а дел на рака. Со ваквото исплаќање на платите, работодавачите го избегнуваат плаќањето на придонесите, а работниците поради малиот износ на плата се оневозможени да решат дел од егзистенцијалните прашања како на пример да подигнат кредит. „Фајнсенс Тинк“ објави истражување, според кое речиси 20 проценти од работниците во државата земаат плата во плико. Најзасегнати се мајсторите од металната и машинската индустрија, текстилната и прехранбената индустрија и вработените во услужниот сектор.
Неодамна, ОРМ предложи да се воведе линеарно плаќање на придонесите за плати од 12 до 18 илјади денари што, според нив, би било причина повеќе да се намалат случаите за исплата на плата во пликo.
– Нашиот предлог за линеарно плаќање на придонесите од 12 до 18 илјади денари ќе придонесе за намалување на случаите за исплата на плата во плик затоа што работодавачот, без разлика дали платата е 13, 15 или 18 илјади денари ќе плаќа фиксни придонеси од 5.130 денари и ќе нема мотив да исплаќа плата на рака, вели Ангел Димитров.
Исплатата на плата и на регрес на годишен одмор се права на работникот загарантирани со закон. Неисплатата повлекува изрекување на казни, чија висина е утврдена со закон.