Незадоволство во ДУИ за именувањето на Хоџа: „Пукаше“ во Ахмети, ќе го „брани“ Заев


Излегува на виделина неспособноста и сервилноста на Али Ахмети кон Никола Груевски, особено во последниот мандат кога Али имаше можност да ги условува ВМРО-ДПМНЕ пред да влезе во Владата. Вака во едно интервју зборуваше Џезаир Шаќири од Танушевци, попознат како командант Хоџа, кој периодов стана преку ноќ главен лик на политичката сцена и се врати во политичките води откако во јавноста беше обелоденето дека е именуван за советник за внатрешна безбедност на премиерот Зоран Заев.

Во претходните години, кога беше поактивен на политичката сцена и додека го „ослободуваше“ Танушевци, Шаќири беше жесток критичар на Ахмети и на ДУИ, кои му се сега партнери во Владата на Заев. Шаќири, всушност, најмногу ја критикуваше ДУИ за релациите со ВМРО-ДПМНЕ, додека двете партии беа коалициски партнери. Според Шакири, Ахмети и Груевски ги уназадиле правата на Албанците и ја стопирале имплементацијата на рамковниот договор. Новиот советник во Владата смета дека поради тие критики Ахмети го „сместил“ на американската црна листа.

„Потценувањата што ги врши Груевски на ДУИ, а преку ДУИ и на сите Албанци во Македонија, се невидени досега на политичката сцена. Ахмети имаше време повеќе од 10 години да ги унапреди правата на Албанците, па дури и да го имплементира Охридскиот рамковен договор. Но, залудно! После сите овие години, како што се виде, а се гледа и сега, тие влегоа во владата само за фотелји“, изјавуваше Шаќири во годините додека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ беа во коалиција.

Во изминатите денови, додека на отворена сцена се креваше бурата околу именувањето на Шаќири за советник за безбедност, и покрај тоа што поранешниот пратеник нема стручни квалификации за таа област освен искуството со учеството во ОНА, никој од ДУИ не се огласи со реакција за потегот на премиерот. И во текот на вчерашниот ден, не можеше да се добие официјален став од владејачката партија на Албанците за позиционирањето на Шаќири во Владата.

Неофицијално, пак, има информации дека во ДУИ има незадоволство поради ваквата одлука на Заев. Реакциите во опкружувањето на Ахмети, наводно, не се толку предизвикани од негативни ставови на Шаќири кон интегративците во минатото, колку поради тоа што сметаат дека ова е уште еден потег со кој СДСМ се обидува да привлече што повеќе приврзаници од албанскиот блок. Тоа беше причина за несогласувања меѓу сегашните коалициски партнери на „Илинденска“ во периодот пред парламентарните избори во 2016 година, на кои поддршката што ја добија социјалдемократите во повеќе средини со доминантно албанско население се покажа како погубна за партијата на Ахмети. ДУИ, и на последните избори, освои најмногу пратенички места во албанскиот политички блок, ама сепак изгуби многу мандати во споредба со последните години. Од 19 пратенички мандати во периодот 2014-2016, ДУИ на последните парламентарни избори падна на 10 мандати.

Во изјава во март 2016 година, што значи во екот на кризата – кога партиите преговараа за датумот на вонредните парламентарни избори, Шаќири го посочи Ахмети како главен „виновник“ тој да се најде на црната листа на САД.

„Само затоа што имав храброст да ѝ се спротивставам на ДУИ за политиките во тоа време – дека Охридскиот договор не се почитува, амбасадата на САД, со помош на Ахмети, ме стави на црната листа. Таму пишува дека јас неколку пати сум се спротивставил на Охридскиот договор, што не е вистина. Излегува дека партиите кои делеле власт, ДУИ-ДПА-ВМРО-ДПМНЕ биле против сите демократски вредности и се занимавале со криминал. Овие политички партии, освен што во минатото се занимавале со вакви дејства, со цел да го продолжат нивниот живот во Владата тие и во иднина ќе реализираат такви сценарија“, изјави тогаш Шаќири.

Тој тврдеше  дека ДУИ е вмешана во вооружениот инцидент што се случи во кумановското Диво Насеље пред точно три години. Според Шаќири, припадник на Агенцијата за разузнавање, која е под надлежност на претседателот Иванов, имал контакти со вооружената група која беше дел од нападот. Во тој контекст, Шаќири тврдеше дека командант Соколи бил наместен од Ахмети и бараше негово ослободување.

(А.М.М. – Б.И.)