„Независен весник“ со 10 денари и побогата содржина


Од денес „Независен весник“ ја менува формата, ја збогатува содржината и го зголемува бројот на страниците, во обид да одговори на барањата на своите читатели.

„Независен весник“ во текот на петте месеци од своето излегување беше дистрибуиран бесплатно. Целиот тираж се делеше уште во раните утрински часови, така што не можеше да стигне до многу од нашите читатели. За да се реши овој проблем и секој читател да може да го добие весникот, одлучивме „Независен“ да стане достапен на сите продажни места во Македонија. Но дистрибуцијата на весникот, заедно со повеќето страници, ги зголемува трошоците. Поради оваа причина, принудени сме да го продаваме весникот. Во еден тежок период за печатените медиуми решивме цената да биде прифатлива и да не биде товар на нашите читатели. Затоа се определивме за цена од 10 денари за еден примерок.

Истовремено, не само што го зголемуваме бројот на страници, туку воведуваме и викенд-издание на весникот. На наше големо задоволство, „Независен весник“ во изминатите пет месеци, откако почна да се печати, е прифатен од страна од читателската публика и стана посакуван извор на информирање.

Наша цел е да продолжиме со објективно покривање на настаните и со посебно детално известување и со широки анализи да го збогатиме македонскиот информативен простор.

Нашата новинарска редакција со професионалност и со кредибилитет секојдневно се обидува да обезбеди точни информации и анализи за сите поголеми актуелни случувања.

Веруваме дека нашите напори и натаму ќе бидат признаени од страна на читателите.