„Независен весник“ на концертот на Дуа Липа во Приштина: Убаво е да си дома


Фестивалот, чиј организатор е Дукаѓин Липа (татко на Дуа), претендира да прерасне во традиција и во иднина да промовира повеќе музичари чие потекло е од Косово. На овој начин, како што најавуваше Дукаѓин, целта е да се покаже дека Косово е расадник на музички таленти, а во овие три дена тоа и се потврди.

Распореден на две сцени во прекрасниот Национален парк „Гермија“, фестивалот викендов нудеше и забави на базен, како и посебна „чил зона“ за одмор. По примерот на големите европски фестивали, „Сани хил“, покрај музичката понуда, нудеше и други забавни активности за посетителите.

Мотото што странично ја осветлуваше главната бина гласеше: „Дали сте за прогрес?“(Are you up for progress), а со оглед на тоа како публиката им возвраќаше на артистите, Косово навистина прави своевиден прогрес во културно-забавниот начин на живот.

Настапот на Дуа Липа беше дочекан со делириум од страна на посетителите, а таа во неколку наврати се заблагодаруваше за нивната поддршка.

– Приштина, вие ми ја дадовте првата поддршка во почетокот на мојата кариера, вие сте моите најверни фанови. Убаво е да си дома – се обраќаше британската ѕвезда со потекло од Приштина.

Таа, како што и вети на прес-конференцијата по повод фестивалот, беше облечена во националните бои на Албанците. Носеше црвен корсет и штосни црни панталони со процеп на колковите. Невообичаениот аутфит е нејзина карактеристика за секој настап и тој стил продолжува да го негува.

Публиката ги пееше во еден здив сите нејзини песни, а тоа и не е чудно бидејќи речиси сите нумери се веќе хитови. „New Rules“, „IDGAF“, „One Kiss“ беа песните на кои се достигнуваше врвот на атмосферата во настапот. Целосниот нејзин настап беше проследен со бенд, танчари, два големи видеобима и многу визуелни ефекти.

Вториот фестивалски ден беше резервиран главно за рап и хип-хоп на кој настапија МС Креша и Лирикал Сан, Ледри Вула, Гаши и Екшн Бронсон, сите имаат потекло од Косово, но сите на своевиден начин се пробиени надвор од земјата. Гаши, кој имаше највпечатлив настап анимирајќи ги посетителите со многу шеги, слегување и скокање директно во публиката, токму на тој настап најави дека потпишал соработка со Џеј Зи.

Речиси сите од артистите што беа дел од ова издание на „Сани хил“ се заблагодаруваа на фамилијата Липа, за сите напори што ги прави за промовирање на музичките артисти од Косово. Токму Гаши на средината од својот настап го повика Дукаѓин на сцената, му подари блуза, а потоа неколку пати пееше од ВИП-делот каде што Дуа, нејзиното момче и нејзиното семејство ги следеа концертите.

Третата фестивалска вечер завршува со настап на Мартин Гарикс, кој беше најавуван како изненадување на фестивалот.

„Сани хил“ пропагираше љубов и мир, така што премиерното издание помина солидно. Единствена забелешка е тоа што немаше доволен број корпи за отпадоци. Таков грандиозен национален парк со бујна вегетација, каков што е Гермија, заслужува внимателно однесување.

(Од Ивана Настеска, наш специјален известувач)

Фото: „Сани хил“