Недопирливоста на Асани – слика за релациите меѓу СДСМ и ДУИ
Бекир Асани е еден од ретките функционери на ДУИ кои, во екот на политичката криза во земјава, се најдоа во „бомбите“ на тогашната опозиција. Поранешниот претседател на еден од највлијателните партиски ограноци – во Чаир, во снимка од прислушуван разговор зборува со Али Ахмети за купување некое земјиште за кое „треба да се извадат по илјада евра од квадратен метар“. Подоцна, одредени медиуми јавија за „непријатна средба“ на Асани со Зоран Заев, на која лидерот на СДСМ се соочил со закани за сериозни последици ако продолжи да објавува снимки од разговори на функционери на ДУИ.
Во тој период впечаток на јавноста беше дека социјалдемократите ја штедат ДУИ од скандали, веројатно поради проценка дека партијата на Ахмети ќе им биде неопходна за коалицирање во случај на смена на власта. Тоа, всушност, и се потврди кога Заев ги почна обидите за формирање на владејачката коалиција. ДУИ тогаш со десет пратеници се наметна како фактор што не може да се зобиколи, иако изборите покажаа воочлив пад на рејтингот на партијата која е на власт уште од формирањето во 2002 година, со исклучок на паузата во периодот 2006-2008 година. Иако значителен дел од гласовите на ДУИ се одлејаа на контото на СДСМ на изборите, двете партии, практично, немаа друг избор освен да стапат во владејачки сојуз.
Сега интегративците се во офанзива за поправање на својот рејтинг и за консолидирање на внатрешните редови, бидејќи во изминатите години се појавија разни струи и фракции. Проблемот е што таа консолидација се прекршува преку грбот на СДСМ, како главна владејачка партија. Така, Асани, човекот од „бомбите“ на Заев, сега стана фактор поради кој министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, инаку висок функционер на СДСМ, го стави на коцка својот политички кредибилитет, практично, партиципирајќи во заташкувањето на случајот со нападнатата или „самоповредена“ полицајка кај Т.Ц. „Мавровка“. Така, Асани, кој од поодамна ја скандализира јавноста поради шлаканицата на новинарот Лирим Дулови во Собранието, уништувањето на споменикот на цар Душан, претепувањето на Тодор Петров, наместо со кривична пријава за напад на службено лице, заврши со прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир.
Скандалот со Асани кај „Мавровка“ е всушност последен од низата во изминатите месеци кои упатуваат на тоа дека СДСМ е принуден на непринципиелни и чудни отстапки во однос на ДУИ за зачувување на мирот во коалицијата.
„Обновувањето на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ беше нужно зло, така што партнерите во Владата и сега функционираат по тој принцип. Од друга страна, срцето на ДУИ не може да се одлепи така лесно од ВМРО-ДПМНЕ, со која партнерството го одржуваа врз основа на тендерски интереси“, коментира професорот и аналитичар Мерсел Биљали.
Ден пред настанот со Асани и полицајката, од Владата пристигна информација дека на последната седница, во рамки на точката „кадровски прашања“, биле именувани дури 27 нови функционери од редовите на ДУИ. Дел од нив ги зазеле позициите што ѝ беа претходно доделени на Алијансата за Албанците.
И Зијадин Села практично беше избркан од владејачката коалиција поради нетрпеливоста со ДУИ и притисок што Ахмети го вршел врз Заев, иако на СДСМ не ѝ одговараше и без тоа тенкото мнозинство во парламентот да остане со двајца пратеници помалку. Затоа Заев сега најавува реконструкција на Владата, во насока на окрупнување на собранискиот кворум.
Според Биљали, во ДУИ има големо незадоволство од кадровската политика што ја води партискиот врв кој, како што оценува, главно форсира „петтолигаши“.
„Во партијата врие. Таму има многу млади и способни луѓе, ама доминира неинтелектуалното крило. Партијата не може да се одлепи од тие луѓе. До следните парламентарни избори, кои би можело се свикаат заедно со претседателските во 2019 година, нема да биде чудно ако се појави некоја нова партија во албанскиот блок. Некој помлад и попрогресивен субјект кој ќе ја засени конечно ДУИ, чија идеологија е потрошена“, вели Биљали.
Именувањето на 27 функционери од ДУИ на само една седница дел од медиумите на албански јазик го толкуваа како обид на Ахмети да ги помири раскараните струи во партијата, со тоа што ќе ги задоволи нивните апетити. Од друга страна, токму кадровската политика на владата на Заев и опортуниот однос на социјалдемократите кон ДУИ се двете клучни точки околу кои во последно време реагираат дел од поддржувачите на СДСМ додека партијата беше во опозиција.
Новинарот и аналитичар Сашо Ордановски изјави неодамна за „Независен весник“ дека тешко е да се најде разбирање за попустливоста кон ДУИ, и покрај тенкото парламентарно мнозинство што го предводи СДСМ.
„ДУИ се однесува како да е 2011 година и како сѐ уште да е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со која водеа тендерски политики. Заев заборава колку гласови доби од Албанците токму поради нивното незадоволство од ДУИ. Зарем ќе дозволи сега заедно да ги изгубат сите тие гласови“, оцени Ордановски.
Слично, и режисерот Владимир Милчин, критикувајќи дел од политиките на актуелната влада, посочува на концесиите што им се испорачуваат на Ахмети и на ДУИ, иако сите знаат за каква структура се работи уште од времето на претходната власт.
Хазби Лика – кадровик на ДУИ во Владата
Луѓе на Хазби Лика, актуелниот вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, главно се именувани на 27. функционерски места на последната владина седница. Иако не е присутен многу во јавноста, Лика, кој беше претходно градоначалник на Тетово, се смета за главен фактор во Владата од редовите на ДУИ, така што, практично, ја има позицијата што порано ја имаше еден од најблиските соработници на Али Амети – Муса Џафери. Тоа, според информациите, предизвикува незадоволство во чаирскиот огранок на партијата, од каде што, пак, е вториот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи, но и Бекир Асани, околу кого сега се развива скандалот со полицајката која тврдеше дека сама се повредила во инцидентот кај „Мавровка“. Со последните именувања, според нашите соговорници, Лика расчистил и со дел од луѓето од таборот на пратеникот Џеват Адеми во Тетово.
Најексплицитен пример за тоа, според информациите, е разрешувањето на братучедот на Адеми – Бејтула Адеми, од управниот одбор на АД ГА-МА, за на тоа место да биде назначен долгогодишниот пратеник Рафиз Алити, кој едно време беше потпретседател на парламентот, а за време на неговото директорување со „Македонска пошта“ се случи големиот пожар во објектот.
На поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски во времето на СДСМ, Агрон Буџаку, кој тогаш беше посочен како една од главните причини за оставката што ја поднесе Хари Костов од премиерската функција, пак, Владата му го потврди мандатот како директор на Центарот за управување со кризи. На оваа функција Буџаку дојде откако се врати од амбасадорската служба во Париз во 2016 година, додека сѐ уште функционираше коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Меѓу новоименуваните функционери има и неколку поранешни пратеници на ДУИ, додека Феми Јонузи, новиот заменик на затворот во Идризово, беше кандидат за градоначалник на Студеничани. Меѓу попознатите имиња е и Бујар Дардишта, кој беше адвокат на обвинетите во „Диво Насеље“, а сега е именуван за директор на Одделот за водење матични книги, како и Илми Селами, кој е именуван на функција во АД „Водите на Македонија“, а порано беше претседател на Антикорупциската комисија и заменик-министер за одбрана.
Разногласие во коалицијата за јазиците и за референдумот
Во последниот период ДУИ и СДСМ имаа различни позиции за одредени битни прашања, како што е односот кон десетиците илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазиците и очекуваниот референдум за евентуалниот компромис за името. Наспроти ДУИ, од каде што доаѓаат отворени најави за прескокнување на амандманската расправа за законот, СДСМ е со став дека треба да се почитуваат Деловникот и собраниските процедури и да се дозволи расправа за амандманите на опозицијата кои се основани. Исто така, функционери на ДУИ во неколку наврати излегуваа со изјави дека решението за името треба да помине низ Собранието, а не на референдум, додека референдумското изјаснување е дел од програмата на СДСМ.
Инаку, ДУИ не е вклучена во работните групи за двотретинските закони, кои се усогласуваат меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, спикерот Талат Џафери подолго време не асистираше да се изберат новите потпретседатели на парламентот од редовите на СДСМ, НСДП и НДП, иако мораше сам да ги води собраниските седници, а како резултат на тоа беше блокирано и формирањето на собранискиот Буџетски совет.
Александра М. Митевска