Невзат Бејта ја поддржи кандидатурата на Пендаровски


Потпретседателот на ДУИ и поранешен градоначалник на општина Гостивар Невзат Бејта, стави потпис за поддршка на Стево Пендаровски, заеднички кандидат на коалицијата предводена од СДСМ и на ДУИ со што започна прибирање на предвидените потписи во Гостиварско.

Бејта, во подрачната единица на Државната изборна комисија во Гостивар заедно со шефот на општинскиот изборен штаб за претседателските избори Башким Хасани и други членови на партијата ги дадоа своите потписи за поддршка на кандидатурата на Пендаровски.

– Кандидатот Стево Пендаровски учествуваше во процесите со кои настанаа многу позитивни промени. Тој го поддржува Преспанскиот договор и одлуките кои произлегуваат од него, ја почитува одлуката на Собранието за промена на името во Република Северна Македонија, а другите кандидати не ги признаваат промените. Професорот Пендаровски ги третира сите граѓани еднакво, без разлика на кој етникум припаѓаат, а таков претседател ѝ треба на државата, изјави Бејта по потпишувањето.