Неверниците во подоброто утре
Здравко Савески
Годинава се навршуваат 50 години од бунтовната 1968 година, а овие денови пред половина век во Франција протестите го достигнаа својот квантитативен и квалитативен максимум. Милиони демонстранти ги преплавија улиците на Париз, милиони работници штрајкуваа и ги зазедоа фабриките. Револуцијата беше во воздухот. И не беше само Франција. Ширум светот се проблематизираше системот, еден нов свет, суштински поразличен од постојниот, се чинеше не само нужен, туку и можен.
На крајот, сепак, системот беше тој што ја доби битката. Иако светот не остана ист како претходно. Стана попермисивен, особено се унапредија правата на жените и сексуалните малцинства, се наметна исклучително важното прашање на заштитата на животната средина. Но системот беше тој што ја доби битката. Никогаш тој елан, тој ентузијазам, таа жед за суштинска промена на светот нема да се повтори во следниот половина век. Во тоа се содржи голема победа на системот.
Ние денес не можеме да ги разбереме бунтовниците од 1968 година. Па дури и си дозволуваме од високо да ги гледаме. Од таа гледна точка, тие нам ни се чинат премногу наивни. Што мислеа тие, дека светот може да се промени? Ние си знаеме, за идеалите гинат будалите. Можно е, да, на индивидуален план да си го подобриш животот, особено ако си подготвен да играш валкано (зашто, нели, тоа „сите“ го прават), но дека тоа е можно на општо ниво, дека животот на мнозинството од населението може значително и суштински да се промени – во тоа не веруваме.
Зошто? Од каде тој наш цинизам? Премногу неуспеси претрпевме. Пречесто бевме прелажувани. Па од камен да си, ќе ти ја исцедат надежта! И затоа разочарувањето од оние што нè прелажаа кај нас не создава револт и стремеж кон акција, туку резигнација и апатија. Немоќ. Бегство. Цинизам. Недоверба. Тоа нè карактеризира.
Огромен успех на естаблишментот, не голем, туку огромен, е што ја убија надежта и вербата дека е можна суштински подобра реалност од денешната. Заборавивме да веруваме, да се надеваме, да се бориме. Рацин зборуваше за „љубов кон живот човечна“. Не можеме да го разбереме што сакаше да каже, зашто ја немаме таа љубов, зашто ни ја убија таа љубов. Ние сме мртви души, во буквалното значење на зборот. Заробени во малограѓанското егзистирање во кое не се гледа подалеку од носот и каде што борбата е само за преживување и за индивидуално надминување на тоа ниво. Пред половина век, кога луѓето ќе погледнеа во иднината, мислеа дека ќе биде подобро, беа уверени дека нивните деца ќе живеат подобро од нив. Денес, точно е спротивното. Колку и самите ние сме заслужни за тоа?
Делегитимизацијата на стремежот за изградба на похумано општество, што се појави во 1980-тите и 1990-тите, е директно поврзана со дегенерацијата и пропаѓањето на најголемиот дел од системите на бирократизиран реал-социјализам. Врз ширењето на глобалниот песимизам влијаеше и конечното уважување на фактот дека човекот поседува капацитет да ја уништи Земјата, а што почна да се кристализира како став во 1970-тите и 1980-тите. Па почнаа цели генерации кога ќе погледнат во иднината да гледаат сивило, а не подобар живот. А таа песимистичка атмосфера не можеше да нема ефект во политиката. Својот момент го дочекаа силите што им слугуваат на бизнис интересите. Од политиката се истиснуваа, како утописти, сите оние кои неа ја сфаќаа како средство за унапредување на општото добро. Материјалистите ги надјачаа трибуните. Па политиката, доминирана од луѓе водени од голиот личен интерес, дополнително ги разочаруваше и деполитизираше масите и стана работа од која чесните бегаат. А кога чесните ги нема, како е можно да се очекува дека егоистите и клептоманите ќе работат за општото добро? И песимизмот и цинизмот и апатијата почнаа да се репродуцираат себеси.
Сето тоа предизвика хронично чувство на немоќ и пад на моралните вредности. Меѓу работите кои настрадаа беше кинењето на врските, замирање на чувството на заедништво и на солидарноста кај оние што се наоѓаат во иста положба, долу. Уште поелементарно, настрада и самата верба во колективната акција. Најдобро тоа се гледа кај работниците. Типичниот работник во Македонија, но и пошироко, се чувствува немоќен, беспомошен. Не само што не им верува на организациите и институциите чија функција е да му помогнат (синдикатите и Инспекторатот за труд пред сè), туку не верува ниту во сопствените сили. Па, не верувајќи дека е можно да се промени ситуацијата која е лоша и која се влошува, тој и самиот придонесува кон влошување на сопствената положба.
Она што е аксиома на работничкото организирање, дека еден работник е слаб наспроти едниот газда, ама дека сите работници тоа не се – почна да се третира како убава бајка. Типичниот работник не само што не е подготвен да се солидаризира и да преземе акција, на пример, кога некој негов колега неоправдано ќе ја изгуби работата, туку ја изгуби и вербата во колективната акција, вербата дека може, преку здружување со другите, да ги унапреди своите лични интереси. Зашто, колективната акција, во крајна линија, не мора да биде мотивирана од некои повисоки морални начела, туку може да биде производ на личниот интерес. Учествувам во колективниот притисок врз газдата за мене лично да ми биде подобро. Но, типичниот македонски работник е убеден дека не може да се изгради заеднички колективен отпор против газдата (поради страв од кодошење од колегите, поради страв од газдата и/или апатичност). Дури и кога мисли дека организирањето на колективниот отпор е можно, не верува дека може преку колективна акција да се успее да се постигне нешто. Па така, обично газдите наспроти себе имаат маса од атомизирани работници, кои дури и ја загубиле вербата во здруженото спротивставување, а во тој случај лесно е да им ги кршат правата, да им газат по достоинството и да не им ја плаќаат вистинската цена на трудот.
Дали е можно ова да се промени? Онака како што досега тераме – сигурно не. Сакаме подобар живот, но некој друг тоа да го обезбеди. Ние настрана да си седиме и одеднаш – подобро да живееме. Тоа е најголемата утопија. Да си дел од обичниот народ, да го крпиш животот, да преживуваш наместо да живееш и да се надеваш дека властодршците, во служба на крупниот капитал, нема да работат во свој личен интерес и во интерес на олигархијата, туку во твој интерес. И, воден од тој твој непоправлив утопизам, ти го фрлаш, одново и одново, својот глас на избори, гласајќи за истите, одново и одново дозволуваш да ти пропаѓа гласот, само зашто не можеш да се излечиш од празната надеж дека е можно ти да си седиш настрана, а партиите што се во служба на крупниот капитал да ти фрлат нешто повеќе од трошки.
Бунтовниците од 68-та, наводните утописти кои ги гледаме од високо, беа далеку пореални од нас. Иако го бараа „невозможното“. Зашто знаеја дека границите на невозможното во политиката се далеку пофлексибилни од она што се чини на прв поглед. Знаеја дека може да се направи исчекор, дека може да се живее подобро од денес ако постојната атомизирана маса од народ ја крене главата и почне да се организира против властодршците и капиталистите. Затоа, да го отфрлиме нашиот високопарен цинизам и наивен утопизам. Ако сакаме подобар живот, треба и самите да ги засукаме ракавите. Никој не вика дека тоа е лесно, никој не вика дека успехот е загарантиран, но, како што кажува една стара синдикална изрека: кој се бори – може да изгуби; кој не се бори – веќе изгубил.