НГМ го чествува големиот уметник Борко Лазески


Одбележувањето на 70 годишнината на Националната галерија на Македонија започна во месец февруари, кој е посветен на уште еден голем јубилеј, 100 години од раѓањето на Борко Лазески. Чествувањето започна со промоција на монографското издание „Борко Лазески 1917-1993“ кое се случи на 08.02.2018 год. во Македонската академија на науките и уметностите.

Одбележувањето продолжува со отворањето на изложбата „Борко Лазески 1917-1993“ во четврток, на 15 февруари, четврток во 19 часот, во Даут-пашиниот амам.

На отворањето ќе се обратат министерот за култура на Р. Македонија, господинот Роберт Алаѓозовски, Соња Абаџиева, критичар и истакната личност од областа на културата и ликовната уметност и директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими.

​На изложбата ќе бидат претставени шеесеттина дела од речиси сите творечки фази на авторот. Монографското издание и изложбата се финансирани од Министерството за култура на Република Македонија, а во реализација на истите учествуваат Влада на Република Македонија (Служба за општи и заеднички работи); Собрание на Република Македонија; Народна банка на Република Македонија; Министерство за одбрана (Касарна „Алекса Демниевски – Бауман“, Велес); Македонска академија на науките и уметностите; Музеј на град Скопје; Музејот на современата уметност – Скопје; Музеј на Македонија; Историски музеј Крушево; Хотел „Монтана“, Крушево; Завод и Музеј Прилеп; Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп; Центар за современа ликовна уметност – Прилеп; Завод и Музеј Охрид; Музеј Куманово; Музеј на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Стопанска банка а.д. Скопје; Вардар филм; Македонски пошти Битола; ОСТЕН Музеј на цртеж, Скопје, Кинотека на Македонија, Македонска телевизија и значаен број приватни сопственици.

Куратор на проектот е Маја Чанкуловска Михајловска и истиот ќе може да се погледне до 5 април 2018 година.