НБА лига: Атланта го декласира Сакраменто со 46 коша разлика


Сакраменто го доживеа најубедливиот пораз во историјата на франшизата во НБА лигата. Атланта ги совлада „кралевите“ со неверојатни 46 коша разлика (126:80) што, пак, е за два поена повеќе од досегашниот рекорд на „јастребите“ кои во 1965 година го декласираа Балтимор со 141:97, а со истиот резултат и Детроит во 1994 година.

Прво лице на паркетот во „Филипс арена“ во Атланта беше Дивејн Дедмон кој го заврши мечот со дабл-дабл ефект (20 коша, 14 скока). најголема поддршка притоа имаше од Денис Шредер (21 кош, осум асистенции). Зек Рендолф со 16 поени беше најефикасен кај тимот на Сакраменто кој го претрпе третиот пораз во низа, вкупно 11. во сезоната.

Резултати: Атланта – Сакраменто 126:80, Мајами – Вашингтон 93:102, Њујорк – Јута 106:101, Шарлот – Кливленд 107:115, Мемфис – Индијана 113:116, Милвоки – Детроит 99:95, Минесота – Сан Антонио 98:86, Њу Орлеанс – Торонто 116:125, Оклахома – Чикаго 92:79, Портланд – Орландо 99:94, Л.А. Лејкерс – Филаделфија 109:115.