На 2 мај почнуваат уписи на идните првачиња во Штип


Уписите на првачињата во основните училишта во Штип почнуваат од 2 мај, информира раководителот на Секторот за јавни дејности во Општина Штип, Билјана Казанџинска. Таа вели дека согласно податоците на патронажните служби  во учебната 2018-2019 година во училишните клупи треба да седнат 538 првачиња.

„По училиштата, очекуваната бројка е следна, во ООУ „Ванчо Прке“  153, во ООУ „Гоце Делчев“ 183, потоа во ООУ „Славејко Арсов“ 40 ученици, во ООУ „ Димитар Влахов“ се очекуваат да се запишат  86 и во ООУ „Тошо Арсов“  80  првачиња“, вели Казанџиска.

Таа забележува дека во пракса, бројот на запишани првоодделенчиња секогаш е помал, зашто многу меѓу нив се родени овде, но растат, живеат и ќе се едуцираат на други места. Уписите на првачињата ќе траат до 31 мај. Минатата година во прво одделение во Штип во училишните клупи седнаа 415 првачиња. Сите оние родители, кои нема да ги запишат децата во прво одделение се соочуваат со казни од 60-80 евра во денарска противредност.