На 16 март нови протести против Рама


Една недела пред антивладиниот протест на обединетата албанска опозиција, закажан за 16 март и најавен како најмасовен досега, Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), продолжува со средби низ Албанија за да ги убеди граѓаните да се приклучат на протестот што ќе се одржи пред Владата.

На денешната средба во Лежа, лидерката на партијата Моника Круемади обвини дека Владата е заробена од криминални групи и предупреди дека опозициските протести ќе продолжат додека премиерот Еди Рама не си замине.

– Еди Рама е слуга на криминалните групи. Власта е во рацете на една криминална група која го користи како слуга за менаџирање и насочување на кормилото во ќор-сокак, обвини Круемади.

Иако ЛСИ се уште нема донесено одлука за своите членови кои го прифатија пратеничкиот мандат на местото на оние ко се откажаа, Круемади рече дека „да му слугуваш на Еди Рама со тоа што престојуваш во Собранието е против интересите на Албанците“.

– Бевме во дилема да се откажеме или не од пратеничките мандати. Што би правеле во тој Парламент? Фасада! Ние никогаш нема да ја прифатиме оваа мисија, бидејќи национално предавство е да служиш денес на Еди Рама, рече таа.

На крајот од нејзиниот говор Моника Круемеди ги покани албанските граѓани, без оглед на политичката поделеност, да се приклучат на протестите на опозицијата против „Рама слугата на криминалните групи“.

Во меѓувреме, од вкупно 19 пратенички места колку што има партијата во албанскиот законодавен дом, пет се пополнети со други членови од избрачкото ливче, а уште пет тоа ќе го направат во вторник на седница на Парламентот.