На УКИМ почнува запишувањето студенти за 2018/2019


На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска и утре ќе се спроведе првиот рок за пријавување на кандидатите за запишување во прва година додипломски студии во академската 2018/2019 година.
Согласно со новиот Закон за високо образование, почетокот на студиската година наместо на 15 септември ќе биде на 1 октомври, како што почнуваше до пред десетина години.
Според Конкурсот кој УКИМ го објави во јуни, слободни се вкупно 11.661 места, од кои за редовни во државна квота има 5.913, редовни со кофинансирање на студиите 4.573 и за вонредни студенти 1.175 места. Како и во минатите години, цената за редовно студирање е 200 евра, а за кофинансирање на студиите и за вонредни е 400 евра.
Условите и критериумите за запишување и потребните документи се појаснети во Конкурсот, објавен на веб-страницата: www.ukim.edu.mk.
Вториот рок за упис на УКИМ е на 13-ти и 14 септември, а третиот рок на 24 септември на факултетите на кои ќе има слободни места.