На пазарот има 3.600 непродадени стана, а ќе се градат уште илјада
И покрај политичката криза, која доведе до стагнација на економијата, изградбата на станови продолжува да расте. Државниот завод за статистика објави дека само во октомври се издадени 400 нови градежни дозволи кои предвидуваат изградба на нови 929 стана. Статистиката покажува дека сега Општина Карпош е општина лидер по изградба на нови станови. За разлика од пред некоја година, кога станбената експанзија беше насочена во општините Аеродром и Кисела Вода, инвеститорите сега се селат во западниот дел на градот.
Во октомври се издадени градежни дозволи за изградба на нови 250 стана во Карпош и 172 во Ѓорче Петров, по што следува Кисела Вода, каде што е предвидено да се градат 95 нови стана. Освен во скопските општини, нови станови ќе се градат во Гостивар или вкупно 144, и во Куманово 57 нови стана.
Но, додека продолжува трендот на изградба на нови станови, голем дел од изградените не можат да најдат купувач.
Бројките на Агенцијата за катастар и недвижности кажуваат дека заклучно со јуни годинава во Македонија имало вкупно 3.663 стана што се изградени, а не се продадени. Продажбата на нови станови, споредено со изградбата, е многу мала.
– Во третиот квартал годинава на целата територија на Македонија се продадени 139 новоизградени станови, односно за 88 стана повеќе од првиот квартал во 2017 година. Но, во вториот квартал има зголемување на непродадените станови за 633 стана – велат од Катастарот.
Цената на становите паѓа
Зголемениот број на непродадени станови доведува до пад на нивната цена. Според Народната банка, иако не со засилено темпо, сепак, цената на становите паѓа неколку години по ред.
– Со зголемената понуда на станови, согласно пазарните закони, опаѓа и цената на продадените станови. Во второто тримесечје од 2017 година продолжи намалувањето на цените на становите, што е веќе петти квартал по ред цените да паѓаат, иако со забавена динамика. Така, индексот на цените на годишна основа е понизок за 3,9 отсто. Ваквото поместување е во согласност со надолниот тренд на цените на становите како во главниот град, така и во земјата во последните неколку години – велат од Народната банка.
Градежниците, пак, велат дека притисокот на пазарот се зголемува. Од една страна зголемената понуда на станови носи пад на цената, но од друга страна растат трошоците за градба. Велат дека за да има нагорна корекција на цените, треба да се намали бројот на непродадени станови.
Никола Велковски, кој е поранешен претседател на Комората на градежништво при Стопанската комора на Македонија, објаснува дека градежните компании во последниов период на некој начин биле принудени да градат станови.
– Поради политичката криза, во последниов период замреа јавните инвестиции. Но, ние како градежни компании мора да ги искористиме човечките ресурси што ги имаме и да ги ангажираме работниците. Затоа се свртевме кон самофинансирање, па градиме станови. Навистина, сега има поголема понуда од побарувачка – вели Велковски.
Според градежниците, цените на трошоците за градежни материјали, но и за работна рака, во последните години континуирано растат, а тоа, пак, ја зголемува крајната цена на чинење на квадратот и прави голем притисок врз пазарот на недвижности.
Според градежниците, најголем дел од новоизградените станови што не се продадени се во Скопје бидејќи во помалите градови се градат станови според потребата, а во Скопје изградбата на станови е стихијна.
Расте цената на квадрат во Центар, паѓа во Карпош
Според Агенцијата за катастар и недвижности, расте цената на квадрат станбена површина во Центар, а се намалува во Аеродром и Карпош. Податоците од Катастарот покажуваат дека во вториот квартал годинава цената на квадрат станбен простор во Општина Центар изнесувала 61.255 денари, додека во првиот квартал изнесувала 45.562 денари.
Во Општина Аеродром во првиот квартал квадрат станбен простор чинел 51.739 денари, а во вториот 50.132 денари, што претставува пад. Во Карпош има големо намалување на цената на становите, така што на почетокот на оваа година за еден квадрат станбен простор се плаќало по 61.163 денари, а во вториот квартал 54.671 денар.
Александра Спасевска