На новиот тендер ќе важат нови правила: Дијабетичарите уште се на сомнителен инсулин од паралелен увоз


Лицата со дијабетес сѐ уште добиваат инсулин од паралелен увоз, без сертификат за квалитет, иако уште пред неколку месеци беше ветено дека државата ќе го реши проблемот. Тие предупредуваат истото да не се повтори и со новиот тендер кој треба да биде распишан за околу два месеци.

– Во моментов користам инсулин од Турција. Последицата се нерегулирани гликемии, и со нив се соочуваат речиси сите болни со дијабетес. Ние сме најзасегнати бидејќи имаме дијабетес тип 1 и сме директно зависни од инсулин. Страшното е што сомнителен инсулин користат и околу 500 деца. Наводно, надлежните ни велат дека инсулинот е квалитетен, но од каде конкретно го земаат, како го транспортираат? Сертификат за квалитет може да се добие само од производителот, и затоа нашите инсулини не можат да имаат таков сертификат – велат од „Баланс МК“, Здружение за детски дијабетес.

Привршуваат резервите инсулин кој пациенти го добија како донација од компанијата „Новонордиск“ од Данска. Тие стравуваат дека, доколку во меѓувреме државата не набави квалитетен лек, повторно ќе мораат да го користат инсулинот од паралелен увоз кој не им помага.

Паралелниот увоз на лекови требаше да се реши со измените во Законот за лекови и медицински помагала, кој предвидува задолжителен сертификат за лекот, директно од производителот. Но овие измени „заглавија“ откако Министерството за здравство „поради технички причини“ уште во јануари ги повлече на доработка, буквално пред почетокот на надлежната собраниска комисија која требаше да расправа за нив. Измените вчера беа разгледани на седница на Владата, треба да поминат во Собрание, па да бидат ставени на јавна расправа, со што и нивното донесување ќе се пролонгира уште извесно време.

Во минатите четири години, додека во државата се внесува инсулин преку паралелен увоз, дијабетичарите се жалат на промени во квалитетот на терапијата, на тоа дека инсулинот не дејствува или дека терапијата им предизвикала штетни последици. Несакани реакции се пријавени и во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Во Македонија има околу 180.000 лица со дијабетес, од кои околу 40.000 се на инсулинска терапија. Најзасегнати се околу 3.000 лица со дијабетес тип 1, кој директно мора да се третира со инсулин.

С.С.З.