На „МакеДокс“ за една недела ќе бидат прикажани 70 филмови


Со прикажување на краткометражниот филм „Вај – Фај плаза Куба“ на режисерот Адријан Келтенборн во чешко, кубанска и шпанска копродукција и на долгометражниот филм „Кеди“ на режисерката Сејда Торун во американска копродукција на 16 август во Куршумли-ан ќе биде отворено деветтото издание на Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“. На него ќе бидат прикажани 70 филмови.

„Реалноста режира, ние правиме филмови“ е мотото на фестивалот, што ќе заврши на 23 август, а освен во Куршумли-ан, ќе се одржува и на платото пред Музејот на Македонија и во Музејот на современа уметност во Скопје.

Ова денеска на прес-конференција го истакна Петрула Вељановски, селектор на програмата „Земјата во фокус“, која годинава ќе биде посветена на полските документарни остварувања. Таа рече дека по филмската програма на отворањето ќе се одржи и концерт на групата „Џими Барка Експириенс“.

– Ова издание на „МакеДокс“ ќе биде посветено на режисерите на документарни филмови, а овој концепт сакавме да го поддржиме со две значајни работилници на Пирјо Хонкасало од Финска и Војцех Старон од Полска, двајца признати и познати режисери на документарни филмови во Музејот на современа уметност, додаде Вељановска.

Селекторот на главната програма на Фестивалот, Петра Селишкар на прес-конференцијата рече дека во селекција се повеќе филмови од нови автори.

Филмовите се распределени во пет натпреварувачки категории и тоа во главната програма во рамки на која филмовите ќе се натпреваруваат за наградата „Стар кромид“, програма на нови автори, каде филмовите ќе се натпреваруваат за наградата „Млад кромид“, програма на кратки филмови во рамки на која ќе биде доделена наградата „Сечкан кромид“. Ќе бидат доделена и наградата за Етички идеи, а ќе има и студентската програма каде филмовите за деца и млади се натпреваруваат за наградата „Кокарче“, беше истакнато на прес-конференцијата.