Уште еден автобус на тест, на „2“ ќе вози полски автобус на гас


Од утре на линијата „2“ се очекува да почне да вози автобус на гас производство на полската компанија „Соларис“. Тој ќе биде дел од јавниот сообраќај 40 дена, на тест период, по што надлежните ќе треба да одлучат со какви автобуси ќе го модернизираат возниот парк на ЈСП. Веќе по скопските улици пробно сообраќа мерцедесовиот автобус на гас на „5“, а прашање на ден е кога во сообраќај ќе се вклучи и автобусот на струја на „15“.

Полскиот автобус е едноподен, ганц нов, има капацитет од седумдесетина патници. Чини околу 220.000 евра. Наменет е исклучиво за јавен превоз. Неговата најголема предност е што има намалена потрошувачка на гас, споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси и троши речиси 50 отсто помалку гориво. Емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот.

„Денеска привршува брендирањето на автобусот, а истовремено се монтираат и валидаторите. Очекуваме утре да биде пуштен во сообраќај. И овој автобус ни е отстапен на бесплатно користење“, вели во изјава за „Независен весник“, директорот на ЈСП Кристијан Чушков.

Компанијата „Соларис“ учествуваше на тендерот за набавка на нископодни автобуси во 2010 година, но прифатена беше понудата на украинскиот „ЛАЗ“.

„Соларис“ важи за водечки европски производител на иновативни возила за јавен превоз, како што се автобусите, тролејбусите и градските железнички возила. Компанијата е формирана во 1996 година и нејзини возила користат 32 земји. (Д.Т.Д.)

Фото: Независен весник