На Косово да му вратиме за лани


Спортските обложувалници ја сметаат македонската репрезентација за убедлив фаворит во денешното гостување во Приштина на стартот од втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот во 2021 година. За победа на Македонија е изложен коефициент од 1.45, а за домаќинот речиси двојно. Но, така беше и лани во август при минатите претквалификации, па Косово забележа изненадувачка победа од 72-68. Подоцна, Македонија забележа пирова победа во Скопје (87-74), која не беше доволна за пласман во квалификациите.

Го знаат тоа „црвено-жолтите“ момчиња и нивниот предводник Јорданчо Давитков, кој повикува на максимална мобилизација пред вечерашното гостување (20:30 часот). Голем плус за нашиот тим е камбекот на Ричардс Хендрикс, кој би требало да биде од огромна помош во битката под обрачите. Еден од нашите клучни играчи, Дамјан Стојановски, потврдува дека доаѓањето на Хендрикс е исклучително важно, потенцирајќи оти е во редот на најдобрите странци што играле за нашата репрезентација.

Кога е во прашање денешниот дуел, Стојановски објаснува дека мора да се почне со победа во натпреварувањето за да си ја олесниме трката по првото место во групата, во која е и Романија.

Желба на сите е кошарката да ја вратиме онаму каде што заслужува да биде. Не играв на минатогодишниот меч во Приштина, но свесен сум дека атмосферата ќе биде пеколна. Се подготвуваме за такво нешто, не смееме да дозволиме притисокот од трибините да им даде крила на домаќините од првата минута како што тоа беше случај лани“, изјави Стојановски.

Оптимизам владее и кај косовските кошаркари, кои неодамна добија нов селектор: прославениот хрватски репрезентативец Дамир Мулаомеровиќ. Тој истакнува дека е задоволен од начинот на кој се тренирало во подготовките.

Ја променивме филозофијата во играта. Максимално сме подготвени за Македонија. Знаеме дека имаат добар состав, им се приклучи и Хендрикс, но тоа не ја менува нашата цел: и со него и без него да ги совладаме гостите“, најави популарниот Мула.

Капитенот на косовскиот тим, Дардан Бериша, верува дека ќе се повтори ланскиот епилог и дека неговите другари ќе слават нова победа.

Имаме нов селектор од кого сме многу задоволни. Тој ни го пренесува богатото искуство. Играме побрза кошарка. Очекувам судир на два различни стилови на игра и наша победа“, потенцира Бериша.

За подобра атмосфера во нашиот табор се погрижи Македонската кошаркарска федерација, која вчера им ги исплати ветените премии на членовите на сениорската репрезентација за освоеното прво место во првата фаза. Со три победи во четири одиграни мечеви во конкуренција на Словачка и на Швајцарија, Македонија се пласираше во наредната фаза што ќе трае до февруари наредната година.

Македонската кошаркарска федерација се надева дека наградата за постигнатиот успех ќе биде дополнителен мотив за сите членови на репрезентацијата за периодот што следува“, потенцираат во МКФ.

В недела ја пречекуваме Романија. Само победникот од групата ги продолжува настапите за пласман на Европското првенство.