На европскиот идентитет му е потребен Западен Балкан


Иднината на Европа носи со себе многу предизвици, а покрај прашањето на безбедноста во јавната дебата во ЕУ се наметнува и идентитетското прашање, односно прашањето за европскиот идентитет.

Ив Бертончини, претседател на Европското движење на Франција на дебата за време на своето гостување во Македонија изјави дека прашањето на европскиот идентитет е прашање кое се провлекува од зачетоците на Европската унија. Македонија, пак, која според него, се поврзува и често се асоцира со македонската салата која претставува мешавина од хармонија, а тоа е она што ја симболизира денешна Македонија.

– Во 1900 година  24 проценти од вкупното светско население беше европско, во 1960 година 12 проценти, а денес уште за половина помалку, односно шест проценти. Во наш интерес е да се обединиме односно земјите од Западен Балкан да ги приклучиме во европското  семејство затоа што така ќе добиеме 18 милиони повеќе жители, а губиме со излегувањето на Британците 64 милиони жители. Но за да може да ги обединиме овие земји, сепак, треба да ви е познато  и стравувањето кое постои кај Европејците во однос на европскиот индентитет, појаснува Бертончини.

Тој појаснува дека ова идентитетско стравување треба да се разбере дека  постои и во Франција затоа што Франција била главен актер во светски рамки, но и позната по своите колонии. Тоа стравување постои и кај Австријците затоа што биле затворени во царство, а постои и кај Обединетото кралство затоа што бара да излезат од ЕУ, се затвораат во себе и остануваат изолирани.

– Сега тој идентитет треба повторно да го редефинираме во однос на арапско муслиманскиот свет кој е овде. Тоа претпоставува мошне отворена дискусија со тој свет. Потребно е да зборуваме за тие идентитетски прашања затоа што Французите се Европејци,  Австријците се Европејци и Македонците се исто толку Европејци. Можеби успехот ќе лежи во основањето на една голема Македонија односно обединети во различноста. Токму тоа е Европа, малку поголема Македонија, а со тоа се потврдува и местото на Македонија во ЕУ кога станува збор за идентитетските прашања, заклучува Бертончини.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи смета дека Македонија може да се пофали со традиција на верски и етнички соживот, кој е во согласност со вредностите на европскиот дух, што е уште еден аргумент за евроинтергацијата на земјата.

– Ако на Балканот на некој начин доминира словенската и албанската култура како две различно доминантни групи во регионот, тие групи доминираат и во Република Македонија. Ако верски доминира православието и исламот, во Република Македонија, исто така, тоа е рефлектирано. Меѓутоа, во Македонија тие кохабитираат и тие функционираат на најдобро, најевропско, можно ниво. Тој пример на такво почитување на различностите и на таква функционална демократија во која различностите се предност, станува пример и модел за целиот регион. Тоа е всушност европскиот дух во Македонија, оценува Османи.

Но, тоа не е само затоа што ние сме Европејците, туку затоа што, посочува, меѓународната заедница има максимално инвестирано оваа држава да биде функционална демократија во која различностите се предност.

– Кога имате еден таков успешен продукт на една силна меѓународна инвестиција која може да биде модел за другите држави во регионот, кој се смета за тежок регион и во еден тежок геополитички контекст, тогаш мора да се даде шанса на тој модел, бидејќи недавањето шанса значи лоша порака кон другите држави, кон другите генерации. Овој модел треба да се промовира и да му се даде шанса  да продолжи успешно во процесот не гледајќи низ прсти, туку апсолутно објективно врз основа на индивидуален мерит систем на проценка, рече Османи. (МИА)