На драмската сцена ќе недостига неверојатниот хумор и ведрината на Петрушевски


Скршени од тага, колеги, пријатели и почитувачи на ликот и делото на актерот Ванчо Петрушевски, се збогуваат од легендата.  Актерот Рубенс Муратовски на својот Фејсбук профил напиша дека кога ќе си отиде актер од неговото детство, е како да си оди дел од него.
„Кога ќе си отиде актер од моето детство, како да си оди и дел од мене. Дел од она кон кое сум се стремел. На кое сум завидувал и бескрајно го почитувал. Ванчо, беше баш таков. Но, кога ќе си отиде актер, знаеш дека неговите одиграни улоги ќе останат за навек..Нека Ти е лесен патот кон светлината Ванчо“, подвлече Муратовски.
Од својот долгогодишен колега Петрушевски се прости и актерот Роберт Вељановски.
„Замина една од најголемите легенди на Драмски! Пријател, колега, брат! МАКЕДОНЕЦ!!! Почивај во мир и Бог да те прости! Се гледаме, онаму“, напиша Вељановски.
Статуси посветени на Петрушевски споделија и актерите Јелена Жугиќ и Васил Зафирчев.
„Нека ти е лесна земјата и вечно името драг колега Ванчо, со голема радост ќе се  сеќавам на секоја наша претстава и дружба. Почивај во мир голем човеку“, напиша  Жугиќ.
„ Голем актер, редок човек и посветен и колега и пријател. Благодарност за сите неговите улоги со кои пораснавме, но и за сите претстави што заедно ги споделивме на сцена. Ќе недостигаат неговата искрена насмевка, ведар дух, неверојатен хумор и вечен оптимизам! Нека му е светол патот кон вечноста и нека му се вечни славата и сеќавањето кај многу генерации Македонци“, напиша Зафирчев.