Најубава на Виенскиот бал : Само Вера може да носи црвена тоалета како дама


Во долга, драматична црвена тоалета на Златко Јовановски, првата мисица на Македонија и манекенка Вера Мештеровиќ (39) блесна со својот изглед и како водителка на Виенскиот бал во Скопје, кој викендов традиционално се одржа во хотелот „Александар палас“.

Горниот дел на луксузната тоалета е комплетно рачна изработка од тантела со мониста и дополнувана за побогат изглед и пораскошен сјај со стакла во истата боја, но во неколку тона. Детали на задниот дел се бисерните копчиња кои му даваат убав и романтичен финиш на целиот фустан.

– Со Вера решивме да е токму тој фустан бидејќи истиот тој и ја отвори ревијата за презентација на колекцијата во Скопје, а нејзе посебно ѝ се допадна што е во изразит А-крој долниот дел – балски, токму како што и доликува на настанот. Бојата е впечатливо црвена а токму тоа и ни требаше за Вера како водителка на балот. Вера е дама која, што и да облече, изгледа прекрасно, а кога нејзината грациозност се спои со мојата креативност, добивме полн погодок уште на прва средба – ни изјави Јовановски.

Фустанот е од последната колекција на дизајнерот што беше презентирана неодамна со модна ревија тука во Скопје.

„Во наша креација секоја дама се чувствува посебно и уникатно, современо на гламурозните настани, и токму во нашето ателје е вашиот фустан од соништата“, потенцира Јовановски, кој со своите модни студија во Скопје и во Тетово пет години е на мапата на славната и богата клиентела од Македонија и од регионот, со своите деликатни, сексапилни и драматични венчаници и вечерни тоалети.

Мештеровиќ е актуелна и со новиот спот на поп-ѕвездата Владо Јаневски за песната „Откако си негова“, каде што ја има главната улога. Песната и спотот имаат и хрватска верзија, така што целиот регион ќе ужива во песната и во нејзината убавина. Во февруари Мештеровиќ на „Златна бубамара“ ја доби и наградата за најпопуларен македонски модел.

Вера денес работи како промотор на еден познат козметички бренд. Од бракот со поранешниот фудбалер Игор Кралевски има две деца, синот Андреј (9) и ќерката Јована (7).

Л. Сабит