Најниската цена клучна кој ќе го добие тендерот


Тендерот тежок 660 илјади евра на Службата за општи и заеднички работи при Владата, за хортикултурно одржување и уредување на 20 државни објекти низ државава, е за површина од 133.654 квадратни метри и за период од три години. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски објасни дека наведената сума во тендерот е само проценка и дека не значи дека ќе бидат потрошени толку пари за оваа намена. Правни лица аплицираат, рече, а ќе победи најниската понуда. Цената по квадратен метар за хортикултурно одржување, како што објасни, би изнесувала 8,5 денари.
„Сумата наведена во тендерот е само проценета. Тендерот е во тек и не значи дека ќе бидат потрошени овие средства. Како дополнување, меѓу 20. објекти за кои е предвидено хортикултурното уредување влегуваат Владата, МРТ, вилата на претседателот, вилите во Дојран, во Охрид, Клубот на пратениците“, рече Бошњаковски.
Дневно за одржување на површните ќе бидат ангажирани 25 граѓани. Како што стои во тендерот, треба да бидат ангажирани технички кадри како шумарски или земјоделски инженер, лице за одржување на системот за наводнувањето на Вила 1, како и лица за извршување на овие услуги во Владата, комплексот на објектите Вила 2 и 3, Клубот на органите на државната управа, а побарувања има и за две мобилни екипи по 3 лица. Тендерот се одвива преку Бирото за јавни набавки и е распишан пред 45 дена. Отворањето на понудите ќе биде јавно по електронски пат на 3 септември.
Во тендерската спецификација е наведено дека се набавуваат услуги за редовно одржување и обновување садници, саксиски растенија, жардиниери и сезонски расад, наводнување, заштита од штетници, ѓубрење, прихранување, окопување, кроење, фрлање на откроените гранки, мулчирање, како и целосна замена на исушени и оштетени садници, саксиски растенија, сезонски расад, украсни грмушки, дрва и трева до 100 отсто од вкупниот број садници.
Тендерот опфаќа и поправка и одржување на постоечки систем за наводнување во објектот Вила 1 како што се цевна инсталација, вентили, прскалки, електрична инсталација, шахти, капаци, ама управување со тајмер, автоматика.
Според Владата, ваквата набавка воопшто не е нова, туку се прави со години наназад и е позната во јавноста како „Секјуриком тендер“ во кој биле споени четири различни набавки, покрај хортикултурно уредување, имало и хигиена и чистење, како и обезбедување објекти.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат да се поништат тендерите за хортикултурно одржување и за набавка на кафе.
„Додека деца ги губат животите поради некаква штедливост во здравството, се двојат неверојатни 660 илјади евра за цвеќиња во владините дворови! Во тие дворови ќе се пијат кафиња – еспреса и капучина од 45 илјади евра! Овие два расипнички тендера мора веднаш да бидат повлечени и поништени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вероника Мароска-Леова