(ВИДЕО) Најмалку 200 загинати војници при пад на воен авион во Алжир
Најмалку 200 војници загинаа во Алжир при уривање на воен транспортен авион од типот Ил-76, јави локалната телевизија „Хадас“.
Авионот се урнал набрзо по полетувањето од аеродромот на воената база во Буфарик, на 50 километри јужно од главниот град Алжир. Со него се пренесуваа војници и опрема.
Инцидентот се случил утрово околу осум часот.
Локалните власти на терен испратија околу 130 припадници на единицата за цивилна заштита, 14 амбулантни возила и 10 камиони за евакуација за да се згрижат повредените од местото на несреќата.
Локалните медиуми јавуваат дека од местото на несреќата се издигнува густ чад. Очевидци тврдат дека огромен број тела се извлекуваат од остатоците на авионот.
Сите патишта околу аеродромот се затворени со цел на спасувачките тимови да им се овозможи непречена работа, но претставник на алжирските воени сили изјави дека нема преживеани.