Најгламурозна ноќ во Монако: Принцезата Шарлот ѕвезда на „Балот на ружите“
Монако – Најгламурозната ноќ во календарот на малото кнежевство Монако е традиционалниот хуманитарен „Бал на ружите“ на кој завчера повторно блеснаа членовите на најгламурозното кралско семејство во светот.
На 64. издание на Балот, посебно внимание привлече внуката на Грејс Кели, принцезата Шарлот Касираги. Таа се појави во креација на модната куќа „Ив Сен Лоран“. Се работи за долга асиметрична креација, во горниот дел волуменозна и бела, додека здолништето е тесно, ја следи линијата на телото и е изработено од црна ткаенина.
Но она што можеби најмногу привлече внимание во медиумите се новостите што беа соопштени на балот, а се однесуваат на свршувачката на Шарлот и нејзиното момче, режисерот Димитри Расам. Медиумите успеаја да го фотографираат и свршеничкиот прстен.
Како пренесува магазинот „Хола“, двојката веќе се подготвува за венчавката која ќе се одржи ова лето, поточно во јули и тоа на Сицилија, на имотот на мајката на Димитри.
На „Балот на ружите“ присуствуваше и дизајнерот Карл Лагерфелд, што предизвика шпекулации дека можеби токму тој ќе се погрижи за венчалниот фустан на принцезата. Но, без разлика на тоа, тој е добар пријател со кралското семејство, особено имајќи предвид дека мајката на Шарлот, принцезата Каролина е една од музите на Лагерфелд.
Со своето присуство балот го збогатија и братот на Шарлот, Пјер Касираги, со сопругата Беатриче Боромео, која носеше креација на „Алберта Ферети“, а меѓу присутните беше и принцезата Александра од Хановер, која носеше „Шанел“.