Натпревар на сезоната во Торино: Јувентус против непробојниот ѕид на Атлетико за четвртфинале во ЛШ!


Предноста на Атлетико е огромна во пресрет на реваншот, да се играше на било кое друго место во Европа ќе можеше да се каже и дека е недостижна, но оваа вечер во Торино тоа никој не смее да го тврди. Атлетико е еден од најдобрите натпреварувачки екипи на светот и има голема предност, но Јувентус е една од оние екипи кои никогаш не смеете однапред да ги отпишете и многумина се сигурни дека вечерва тие ќе слават победа, но дали ќе успеат да минат во четвртфиналето, останува да се види.

Головите на Хименез и Годин во самата завршница од првиот дуел на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид му направија сериозен проблем на Јувентус. Предноста од два гола е достижна, меѓутоа за таков потфат потежок тим од Атлетико тешко можеше да се најде на спротивната страна од теренот. Јувентус на домашен терен последен пат загуби во ноември од Манчестер Јунајтед. Атлетико до крајот на групната фаза од ова натпреварување загуби на само едно гостување, но податокот дека победиле на пет од 11-те последни меча на гостински терен во сите натпреварувања, како и дека од Дортмунд беа поразени со 4:0, им влева надеж на Италијанците дека можат да дојдат до чудо.

Историјата вели дека овој резултат никој досега не успеал да го стигне. Пет пати, откако игра на меѓународната сцена, „Старата дама“ морала да брка на свој терен 0:2 од првиот меч и ниту еднаш не успеала да го достигне. Но, во Торино веруваат во сопствените квалитети.

За оптимизмот кај „Старата дама“ сведочат и изјавите на тренерот Масимилијано Алегри, како и на првата ѕвезда на Јувентус, Кристијано Роналдо.

И не само тоа, тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри истакна дека во фудбалот се е можно и во случај на елиминација на Атлетико Мадрид вечерва, неговата екипа би можела и до финале во Лигата на шампиони.

„Денешниот ден е круцијален за нас во Лигата на шампиони. Пред нас е тежок меч, но ако го минеме Атлетико Мадрид убеден сум дека можеме да стигнеме до финале. Не може да знаеме што ќе се случи бидејќи во фудбалот се е можно. Би сакал да играме одличен натпревар и да видиме каде ќе нè одведе тоа. Атлетико е добар противник“, изјави Алегри.

По разочарувачките 0:2 во првиот меч, Португалецот им порача на навивачите дека имаат причина да веруваат во успех.

Овој тим, според мене, има фантастична сезона. На врвот сме на табелата во Серија А со 16 бода предност, го освоивме Суперкупот на Италија против Милан, првенството нѝ е на дофат, па наша цел е, секако, Лигата на шампиони. Мислам дека сме добри, полни со самодоверба, веруваме. Сакаме ова да биде специјална вечер. Сакам да порачам до навивачите да размислуваат позитивно, да веруваат. Изводливо е само што ни треба и нивна помош да го направиме овој стадион преубав. Ние ќе ја одработиме нашата работа на теренот, ќе се обидеме да постигнеме голови и да победиме. Бидете подготвени за голем кам-бек“, порача Португалецот.

Постојат за нијанса поголеми тимови, ќе има и поважни мечеви до крајот на мај, но во овој момент реванш осминафиналниот меч од Лигата на шампионите меѓу Јувентус и Атлетико Мадрид со апсолутно право го носи називот – натпревар на сезоната! Атмосферата во пресрет на овој натпревар одамна не е видена. Италија трепери, во Торино најавуваат борба на живот и смрт, но многу ќе зависи од Атлетико Мадрид и Диего Симеоне.

Тренерите на двата тима се одлучија за стартните состави на вечерашниот натпревар. Масимилијано Алегри ќе истрча во 4-3-3 формација, додека на спротивната страна Диего Симеоне со својата препознатлива варијација на 4-4-2.

Јувентус: Шчесни – Кјелини, Спинацола, Жоао Кансело, Бонучи – Пјаниќ, Матуиди, Џан – Роналдо, Манџукиќ, Бернардески.

Атлетико: Облак – Годин, Аријас, Хуанфран, Хименез – Родри, Коке, Лемар, Саул – Гризман, Мората.

Атлетико Мадрид најмногу сака вакви натпревари, кога може да се постави во одбрамбена зона, да ги „гази“ ривалите по целиот терен и да чека некој метар празен простор, па да се турне топката кон офанзивната линија на „Јорганџиите“.

„Јувентус има навистина силен тим, со многу искусни играчи, кои не играат добро само во нападот, туку и во одбраната. Мораме да бидеме многу внимателни. Мораме да бидеме најдобри што можеме. Внимателноста и одмереноста се клучните работи ако сакаме да одиграме добар фудбал вечерва. Ќе се обидеме да го воведеме мечот во оној правец во кој ние сакаме да одиме“, изјави тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.

Сите очи вечерва ќе бидат вперени во Торино, но не смее да се заборави ниту вториот натпревар кој ќе се одигра вечерва во Манчестер. Таму Сити ќе го пречека Шалке по победата на првиот натпревар во Гелзенкирхен со 3:2, па сите очекуваат дека „Граѓаните“ ќе имаат лесна задача вечерва да го потврдат својот пласман во четвртфиналето со убедлива победа. Но, Пеп Гвардиола е свесен за чудата кои се случија сезонава во оваа фаза од натпреварувањето, па за таа цел со најсилниот состав на располагање ќе го нападне гостинот од Германија.

Манчестер Сити (4-3-3): Едерсон – Вокер, Данило, Лапорт, Зинченко – Бернардо Силва, Давид Силва, Гундоган – Сане, Агуеро, Стерлинг.

Шалке (4-3-2-1): Фарман – Стамбули, Брума, Сане, Очипка – Сердар, Конопљанка, Бенталеб – Мекени, Бургшталер, Емболо.

Реванш натпреварите од Лигата на шампионите во Торино, односно Манчестер започнуваат од 21:00 часот.